Чувајте го детето во вас и не дозволувајте му да биде тажно

243
Тодорка Андована промоцијата на новата книга

Промовирани две нови книги за деца на Тодорка Андова

Авторката Тодорка Андова најновите поетски книги им ги посветува на своите внуци: Снежана, Лука и Алек, па дури и насловот на книгата „Сонот на едно дете – Луснеал“ е кованица од нивните имиња. „Разиграни букви“, пак, е џебно издание со стихови за секоја буква од нашата азбука

По двете поетски книги за деца „Детски срца“ и „Насмевката моја“ Тодорка Андова на своите најмали читатели им подари уште две поетски книги – „Сонот на едно дете – Луснеал“ и „Разиграни букви“, џебно издание со стихови за секоја буква од нашата азбука. Промоцијата се случи неодамна во домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, пред многубројната, верна, публика на омилената тетка Тоше, а стиховите од двете книги ги презентираа децата од градинката „Рада Поцева“ – објектот „Изворче“ и од основните училишта „Димката Ангелов-Габерот“ од Ваташа и „Гоце Делчев“. Прекрасни зборови за поетесата Тодорка Андова и за нејзиното творештво за деца слушнавме од членовите на клубот на писатели „Тиквешки цветови“: Цветанка Колева, Милка Миндева, Каролина Митрева и Надица Тренчева.

Најновите поетски книги Тодорка им ги посветува на своите внуци: Снежана, Лука и Алек, па дури и поднасловот на книгата „Сонот на едно дете – Луснеал“ е кованица од нивните имиња, ни открива Тодорка. Во предговорот на „Распеани букви“ таа на своите мали и сакани читатели ќе им напише:
„Основната водилка на стиховите во мојата најнова книга што е пред вас се буквите од нашата азбука, тие што го носат основниот товар на сознанијата на нашите најмлади, а кои се на самиот праг и на самиот почеток на осознавањето на големата улога на буквите, кои откога ќе се научат ќе бидат вечен сопатник во приемот на сите нешта што ги носи животот и тоа што нѐ опкружува. Мојата прошетка од А до Ш ја има главната задача што полесно да го почувствуваат секој збор што тие го создаваат кога ќе се наредат во една помала или поголема низа. Ме прави среќна уверувањето дека ова моја книга ќе ви биде при рака, во ранецот или во домашната библиотека. Па повелете на весело читање и учење“.

Втората поетска книга „Сонот на едно дете – Луснеал“ донесува нови 49 песни во кои една обична баба во грст стихови ја преточува големата љубов кон своите внуци. Во нејзините стихови полни со рима се среќаваат сите интересни ликови од волшебниот свет на децата, мечето, зајачето, светулките, жабата, штркот, лиска, пеперутките, разнобојните цветови и годишните времиња како и Дедо Мраз. И во овие стихови Тодорка порачува дека никогаш не треба да го заборавиме детето во нас и да не дозволиме тоа да биде тажно. „Сонот на едно дете“ не е само сон на малите дечиња туку сон на секој од нас што ги слушал приказните и песните на нашите баби и дедовци во кои е вткаена нивната огромна љубов.

На читателите на „Колибри“ од поетските книги на Тодорка Андова им подаруваме неколку песни.


Сонот на едно дете

Од желба горам
Нешто сакам да сторам
Но морам да се сложам
Не знам дали
Тоа да го направам ќе можам
Во висини до месечко да летнам
И за секој по една ѕвезда да сметнам.
Низ најубавите градини да минам
И по еден цвет за секој да скинам.
Да добијам таква сила
Што на секој би му дала
Како на птиците крила.
Во волшебна земја да појдам
Со подарок за секој да дојдам.
Од сонцето сончеви зраци да барам
За да има на секој да му дарам.
Да направам да нема солзи
Во детските очи
Од нив само радост да се точи. А најубаво за секој да биде
Насмеани лица околу себе да види.
Ете вака сонува едно дете
Кога сонот Месечко му го плете.