Чекориме напред кон нови животни предизвици!

30

Доколку на часовите разговараме за имунитетот, ќе го подобриме колективниот имунитет, а тоа, пак, ќе ни помогне сите да истраеме во предизвикот на ова време, вели Роза Василевска

ОД МОЈ АГОЛ: Роза Василевска, одделенска наставничка

Темата за имунитетот ја сметам за приоритетна во овој тежок период за сите луѓе, а особено за децата, на кои на достапен, разбирлив начин треба да им објасниме што се случува и зошто се бараат од нив разни досега непознати работи.
Токму затоа ќе ви претставам како јас ќе им го одржам првиот онлајн час оваа учебна година на моите ученици. Се надевам дека тоа на моите колеги од други училишта ќе им даде идеја да направат нешто слично, се разбира на свој начин, но пораките секако треба да бидат исти: сплотеност, грижа едни за други, секојдневно учење и искрени желби дека сите заедно од овој период ќе излеземе посилни, поздрави и поуспешни.
Прв училиштен ден. Во тек е онлајн час по македонски јазик.
– Добар ден, почитувани ученици. Еве, по четири месеци, продолжениот распуст заврши, а новата учебна година штотуку започнува. Мило ми е што ве гледам сите живи и здрави, собрани во нашата онлајн училницата. Најтопло ве поздравувам и ви посакувам успешно да ја поминеме и оваа учебна година. А сега би сакала секој поединечно, со два-три збора, да ни каже како си го помина ова лето?
Учениците раскажуваат и се воспоставува посакуваната онлајн интеракција.
– Е па, од ова што го слушнав, разбрав дека сите сте поминале поразлично од минатите лета, но сепак имало и доста убави моменти.

Но убаво е да се слушне дека никој од вас не се разболел од ковид-19 и посакувам така да остане. Ајде сега на овој час по македонски јазик да направите едно истражување на темата имунитет. Ќе се поделите во парови и за десетина минути ќе истражувате на интернет. Секој пар ќе одбере една од понудениве содржини: 1. сонце, 2. вода, 3. воздух, 4. здрава храна, 5. витамини и минерали, 6. позитивни мисли, 7. физичка активност, 8. дружење во помали групи, 9. почитување на прописите и 10. духовен тренинг – сѐ ќе помине.
За тоа време на екранот излегуваат неколку објави: „Сонце, вода, воздух, лекари се три – ако нив ги следиш здрав ќе бидеш ти“, „Лекот е во храната – храната да ти биде лек“, „Мисли позитивно – биди ментално здрав“, „Движи се – живеј здраво“, „Човекот пред сѐ е социјално битие“, „Биди одговорен – почитувај ги правилата“…
– А сега, почитувани ученици, да се слушнеме. Секој пар со неколку реченици ќе го каже заклучокот од нивното мало, но вредно онлајн истражување.

Откако секој кажува по нешто, следуваат зборови на пофалба до децата.
– Браво, вредни истражувачи. Верувам дека на овој час научивте и дека треба да останеме во допир со природата и со самите нас.
На екранот се појавува пораката: „Свесност, одговорност, споделување, движење напред и само напред кон нови животни предизвици“.
– А сега во контекст на оваа преубава тема за најголемото природно богатство на секој човек – имунитетот, ќе ве замолам за продолжена домашна активност на темата ,,Мојата најголема сила – имунитетот“. Домашните ќе ми ги пратите по мејл, а јас со големо задоволство ќе ги прочитам и ќе уживам во напредокот кај моите ученици – вистински борци и храбри победници во секакво искушение.

Кои цели се постигнуваат со овој час? Пред сѐ развивање свесност кај учениците за важноста на имунитетот, проширување на низата фактори што придонесуваат за стекнување добар имунитет, поврзување на нештата дека сите фактори се потребни и се поврзани меѓусебно, поттикнување на волјата да се биде упорен и редовно да се живее здраво, неприфаќање лоши навики од околината, вежбање свесност за себе и за другите, но во меѓусебна поврзаност.
Преку темата за имунитетот ќе го подобриме колективниот имунитет, а тоа, пак, ќе ни помогне сите да истраеме во предизвикот на ова време.