Учениците другаруваа со писателите за деца и млади

66

Во домот на културата „Илинден“, во рамките на јубилејната 20-та литературна манифестација „Илинден 2019“, минатата недела се одржа традиционалното Литературно матине за деца. Учениците од општината Илинден имаа ретка можност да се дружат со најистакнатите македонски писатели за млади.

Со бурни аплаузи поздравени, во преполната сала на домот на култура „Илинден“ пред најмладите со своите најнови творби се претставија писателите: Стојан Тарапуза, Александар Поповски, Горјан Петрески, Перо Миленковски, Наум Попески, Мито Спасевски, Славка Арсова, Ванчо Полазаревски, Васил Мукаетов, Ксенија Маказиева Трајчева и Александар Кујунџиски.

И годинава во рамките на Литературното матине за деца беа наградени најдобрите творби на учениците што учествуваа на конкурсот што го организира општината Илинден, по повод литературната манифестација „Илинден“. Според претседателот на жири-комисијата, која ги избра најдобрите песни создадени од учениците, Перо Миленковски, и оваа година членовите на комисијата биле исправени пред слатки маки да изберат по само три најдобри творби од секое училиште, на чии автори, како и на нивните ментори, посебни награди и признанија им додели градоначалникот на општината Илинден, Жика Стојановски.

Признанија за особен придонес во развојот на културата и културните вредности, градоначалникот им додели и на писателите за деца и млади што учествуваа на Литературното матине за деца, на јубилејната 20-та литературна манифестација „Илинден“.


Кој е тоа

Кој е тоа што се смее
што нѐ гали, што нѐ грее,
што нѐ гушка, што ни шепка,
што се гнези и под клепка,
што ни става знак на чело,
што развева знаме бело?

Од него на сите страни
денот крева цветни брани,
дрвјата ко жарки тлеат,
птиците најгласно пеат,
бубалките оро вијат,
ливадите роса пијат.

Тој што така ни се смее,
што нѐ гали, што нѐ грее,
што нѐ гушка, што ни шепка,
што се гнезди и под клепка,
што ни става знак на чело,
што развева знаме бело…

Мај е, мај е, сјај што везе,
– во глетките што ни влезе!

Стојан Тарапуза
Од книгата „Разденица“