Тринаесетгодишната Ана Марија Здравкоска со зборови ги искажува чувствата

874

ТАЛЕНТИ

Ана Марија Здравкоска има 13 години и неодамна заврши седмо одделение во основното училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп. Таа е одлична ученичка, гордост не само за нејзините родители туку и за училиштето, бидејќи постојано реди успеси пишувајќи поезија.
Вели дека за неа пишувањето претставува големо задоволство. Првата песничка ја напишала во трето одделение, а ѝ ја посветила на својата мајка.
– Преку пишувањето ги искажувам моите чувства, а секогаш во реализацијата на моите идеи имам голема поддршка од мојата наставничка и од семејството. Најмногу сакам да пишувам поезија, стихови за љубовта, но уживам и кога опишувам пејзажи – вели Ана Марија.
Таа досега освоила повеќе награди, меѓу кои е и втората награда на натпреварот на „Детската амбасада за сите деца во светот“ во Прилеп, за литературно читање – проза, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
– За мене наградите претставуваат мотив за понатамошен успех во пишувањето и се трудам секојдневно да извлечам нешто ново од мојот магичен свет – објаснува младата поетеса.
Ана Марија ни откри и дека ја интересираат начинот на живот и културата кај другите народи, странските јазици, пред сѐ англискиот и францускиот јазик, а во последно време се труди да го научи и турскиот јазик.
Нејзино хоби е музиката, но сака да гледа и филмови, а најзабавно ѝ е кога е во друштво на своите другари и другарки.


Цвет за мама

Во срце носам еден лик
што ме пази, чува и брани
никогаш да не пуштам крик.
И секогаш ме сака со сите мои мани.

Тоа е мојата мајка драга,
која има насмевка блага,
а од нејзините очи,
само добрина се точи.

Секој збор е како едно монисто
од мојата мајка мила,
а од убавите зборови нанижани,
јас добивам многу сила.

Ти благодарам мајко моја
за бесконечната грижа твоја.
Од срце ти го подарувам овој цвет,
исполнет со љубов колку целиот свет.