Трајче Андрески – најмладиот коњаник на Илинденскиот марш

450

Ова храбро момче беше миленик на сите учесници на Илинденскиот марш, но ги освои и срцата на жителите на крајпатните села и на граѓаните во градовите каде што поминуваа коњаниците

Меѓу коњаниците, вкупно 31, кои учествуваа на неодамнешниот традиционален Илинденски марш, најмлад коњаник беше дванаесетгодишниот Трајче Андрески од демирхисарското село Острилци. Тој е ученик во шесто одделение во основното училиште во Демир Хисар, а бидејќи живее на село, Трајче уште од мали нозе почнал да се интересира за коњите и за јавањето. А причина плус за ова негово хоби е и тоа што во неговото семејство отсекогаш за сопствени потреби се чувал и се негувал барем по еден коњ.

– Јас уште како петгодишно дете ги засакав коњите, кои беа дел од моето секојдневие. Иако коњот е големо животно јас воопшто не чувствував страв, редовно му приоѓав и често го хранев, а тоа придонесе да ја стекнам неговата доверба. И така нашето пријателство беше сѐ поголемо и кога го гледав татко ми како го јава нашиот коњ и самиот посакав да го сторам тоа. Првпат тоа се случи кога имав 7 години и оттогаш со помош на татко ми Тони почнав почесто да јавам и од ден на ден стравот кај мене беше сѐ помал. По две години јавав без нечија помош, а денес, по четиригодишното искуство, јавањето за мене не претставува никаков проблем, туку рутина и задоволство – вели бестрашниот Трајче Андрески.

Ова момче за својот коњ вели дека е многу кроток и паметен и затоа беше сигурен дека и долгиот пат на Илинденскиот марш по планини и ридови, за него нема да биде проблем.

– Бидејќи целосно ја стекнав довербата кај коњот, во договор со татко ми одлучивме да се обидам и јас да бидам дел од Илинденскиот марш. Сѐ мина успешно и јас на коњ поминав близу 200 километри. Не ми пречеше што бев многу помлад од сите колеги-коњаници. Напротив, сите ме почитуваа и ми помагаа. Не се плашев ниту од времето и дождовите и се надевам за 4-5 години ќе станам и војвода на овој марш – вели Трајче.
Тој беше миленик на сите учесници на Илинденскиот марш, но ги освои и срцата на жителите на крајпатните села и на граѓаните во градовите каде што поминуваа коњаниците.