Топлата искрена насмевка го отвора патот кон срцето

114
Сите учесници на едукативната работилница

Во рамките на проектот погледнавме кратки скечеви на тема врсничко насилство, подготвени од драмската секција, по што се разви дискусија за тоа какви видови врсничко насилство има, кои се последиците и како да се подобри состојбата. На крајот беше емитуван анимираниот филм „Стоп насилствo“, кој го изработи ученикот
Дамјан Блажевски

ООУ „Јан Амос-Коменски“ од Скопје гради ефикасни модели за превенција од врсничко насилство што ќе бидат функционални и применливи. Целта е да се детектира и намали врсничкото насилство во училиштата, што е повеќе од потребно, а токму затоа минатата недела во ова училиште се одржа интерактивната работилница „И зборовите повредуваат“.
Добриот збор железна врата отвора, вели мудроста на животот. А, топлата искрена насмевка го отвора патот кон срцето. Убав збор, пријателски подадена рака, наспроти лошиот збор, кој знае да заболи, да повреди и растажи. Но во современиот динамичен свет на живеење, колку вложуваме во овие животни вредности, со овие зборови до соучениците и гостите им се обратија презентерите на настанот, учениците Итан Георгиевски и Марија Шукуловска.

Тие посочија дека нивното училиште активно работи на сите проекти од Мировно образование и Мировна акција, иницирани од првата детска амбасада „Меѓаши“, за да се поттикнат и издигнат добрината и емпатијата меѓу учениците на повисоко ниво.
– Во рамките на кампањата на ПДАС „Меѓаши“, под мотото,,И зборовите повредуваат“, за превенција и справување со соврсничкото насилство и подобрување на соврсничкото однесување (или однесувањето на учениците) во нашето училиште од почетокот на учебната година се реализираа повеќе активности. По повод 21 Септември, Светскиот ден на мирот, учениците изработија одлични литературни творби на темата „И зборовите повредуваат“, беа реализирана и работилници на кои учениците изработија креативни стрипови и постери придружени со силни пораки за „Стоп насилство во училиштето“. Исто така, на одделенските и на часовите по македонски јазик, етика и граѓанско образование се одржуваа работилници на темата „Видови меѓуврсничко насилство и справување со него“. Денеска, во рамките на кампањата ПДАС, учениците од 9-то одделение ќе се претстават со своите активности токму на овие теми – посочија Итан и Марија.

Во рамките на проектот погледнавме кратки скечеви на темата врсничко насилство, подготвени од драмската секција, во која членуваат ученици од деветто одделение. Потоа се разви интеракција меѓу презентерите и учениците, кои го кажуваа своето мислење за оваа деликатна тема. Се дискутираше за прифаќање на различностите, слушнавме сведоштва и примери за вербално насилство. Исто така стана збор за тоа какви видови врсничко насилство има, кои се сторителите, какви се последиците и како да се подобри состојбата.

На крајот беше емитуван анимираниот филм насловен „Стоп насилствo“, кој го изработи ученикот Дамјан Блажевски.

Всушност, интерактивната работилница „И зборовите повредуваат“ во ООУ „Ј.А.Коменски“ траеше од 17 до 24 декември и беа опфатени ученици од четврто до деветто одделение.

– Идејата за овој проект беше на учениците од 9-то одделение, а ние се потрудивме тоа да не биде изолиран настан туку да претставува информација и соученичко учење едни за други за да го подобриме однесување меѓу учениците. Реализацијата на оваа меѓугенерациска работилница беше поддржана од директорката, а темите и начинот на реализација децата ги презентираа пред наставничкиот совет на училиштето. Координатори на активноста беа наставничките по македонски јазик: Елизабета Теодосиевска и Грозданка Кажлева, секако свој удел во сето тоа имав и јас како психолог – ни рече Елизабета Ивановиќ.

Според ветувањата, ова училиште, како и досега, во рамките на училишните активности ќе продолжи да подготвува повеќе проекти, во чиј фокус ќе бидат децата и нивното здраво и неоптоварено растење и едукација.