Технологијата ја убива играта и предизвикува стагнација кај децата

34

Овозможете му простор за учење на вашето детепреку игра, преку обиди и грешки, вели Наумоска

ОД МОЈ АГОЛ: Елеонора Наумоска, специјална едукаторка и рехабилитаторка

Со развојот на технологијата настанаа големи промени во 21 век. Таа секако има добра страна, доколку правилно и умешно се искористува, но денес гледаме поинаква слика за начинот на кој технологијата се користи. Живееме во свет, во кој полека на несвесен или свесен начин, со губењето на играта, се губат особините со кои се поттикнуваат правилен раст и развој кај детето.
Самата игра има големо значење во нивното растење и созревање и тоа опфаќа повеќе полиња – социоемоционален, когнитивен и физички развој. Како ќе научи детето што е емпатија, ако цело време гледа во екранот? Тоа ќе предизвика стагнација на повеќе полиња. Но исто така не значи дека ако родителите цело време се пред екран, а детето не е, дека правилно ќе се развива. Децата се сунѓери, гледаат од нас возрасните, учат и бараат интеракција. Тоа е процес на воспитување. Родителството е стекната вештина, не е вродена. Ние имаме само еволуциска потреба да имаме потомок, другото се учи. Да не создаваме нереализирана генерација, само поради тоа што детето на тој начин е мирно. Тргнете ги паметните телефони, телевизорите, лаптопите. Овозможете му простор за учење преку обиди и грешки.

Еден хипотетички пример: дете на една година (на 12 месеци според науката треба да го каже првиот збор со значење) е пред екранот цело време. Не слуша никакви звуци, не го слуша гласот на блиските, не истражува. Какви ќе бидат последиците? Најпрво говорот нема да се развива. Неврологот Ранко Рајовиќ вели дека за правилен развој на говорот треба барем 10 часа во денот да му зборувате на детето. Што се случува со имагинацијата и фантазијата на тоа дете? Каде е играта? Во ваков случај и развојот на мозокот стагнира. Тоа може да доведе до оштетување на некои центри или нивно неразвивање. Сѐ почесто среќаваме деца што изгледаат како аутистични, само поради тоа што не виделе, не почуствувале речиси ништо, освен што поголемиот дел од времето гледале во екран. Да не зборуваме колку го оштетува тоа видот, придружен елемент доколку технологијата се користи прекумерно.
Стагнира и моториката, а нејзиниот развој е од особено значење за децата. Фините моторни движења што ги овозможуваат малите групи мускули помагаат при манипулација со предмети (ситни, крупни). Во принцип изгледа едноставно, но и тоа во голема мера е потребно. Детето го открива светот токму преку рацете. Прво ги допира предметите, ги истражува, ги става во уста (ова е нормална појава), па ги фрла. Тоа манипулира со рацете. Како што се развиваат движењата, така се развива и мозокот, особено говорот. Говорот е во тесна врска со движењата, прво се јавува гестикуларен говор, детето покажува со прст што сака, а потоа со вербалниот говор.

Како што се развива моториката, така се развива и говорот. Во прстите имаме 14 отсто синапси, пренесувачи на иформации од влакното на една нервна клетка до друга. Сликовито ќе ги претставам како еден код што останува мемориран во долготрајната меморија.
Врвни експерти од областа на неврологијата стигнале до информација дека интелектуалните способности зависат од бројот и развојот на синапсите. Како едно дете ќе ги развива овие елементи, ако цело време е пред екранот и единствено функција имаат палецот, показалецот и средниот прст?
Како од него да очекуваме да држи правилно прибор за храна, а потоа молив, кога фазата на пинцета – фат (палец, показалец, среден прст, која се појавува во 8-от месец кај бебето), не е развиена? Тоа практично во иднина може да услови проблеми со фината и со крупната моторика, поради тоа што во овие движења се вклучени голем број мускули.