Странските јазици ќе ми помогнат полесно да ги разберам другите народи

660
Александар со менторката Славица Блажеска

ТАЛЕНТИ: Александар Ивановски, полиглот

Александар ќе учествува на светската јазична олимпијада „Хипо“, која ќе се одржи на 11 и 12 мај во Венеција, Италија

Ученикот од петто одделение во ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“ во Кичево, Александар Иваноски, откако ги помина двата елиминациски круга на натпреварите по странски јазици што се одржаа во центарот за странски јазици „Биг Бен“ во Кичево и во Струга, освојувајќи максимален број бодови, се стекна со право да учествува на светската јазична олимпијада „Хипо“, која ќе се одржи на 11 и 12 мај во Венеција, Италија. За Александар и за неговата менторка, наставничката Славица Блажеска, е обезбеден бесплатен престој во Италија, додека трошоците за патување треба да ги покријат од сопствениот џеб или да најдат спонзори што ќе го платат патот до земјата домаќин и назад.

Александар со голема леснотија ги учи јазиците и, покрај одличното владеење на англискиот, во добра мера го совладал и германскиот јазик, кој го учи последните две години.

– Од сите предмети на училиште, најмногу ги сакам часовите по англиски јазик. Исто така посетувам и часови во еден центар за странски јазици. Паралелно со англискиот јазик веќе две години го изучувам и германскиот јазик и, за ова кратко време, сосема добро го владеам. Ги сакам јазиците, бидејќи ми овозможуваат да ги разберам и другите народи што зборуваат на нив. Исто така, познавањето повеќе јазици ќе ми помогне кога ќе пораснам да патувам по светот и да запознавам други култури и цивилизации – вели младиот Александар.

Тој нема некоја тајна за брзо совладување на јазиците. Единствено на своите врсници на кои потешко им одат овие предмети, им препорачува секогаш приоритетна да им биде основата, а со здрава основа многу полесно и побрзо се чекори кон надградбата.
– На моите врсници и помлади другари би им препорачал почесто да користат интернет, да пронаоѓаат нови поими и граматички содржини, што ќе резултира со побрзо учење на јазиците – вели Александар.

Иако се труди да научи што повеќе јазици, тој ни откри дека кога ќе порасне сака да биде компјутерски програмер.