Секојдневната дружба со децата ме поттикна да пишувам за нив

128

„Децата се ѕвезди во очи што ни тлеат, да се обидеме тие ѕвезди секогаш да се смеат и никогаш солзи да не леат. Децата се нашата светлост, нашата иднина. За нив вреди да се твори и создава. Зарем не?“, ова е мотото што и денес ја води поетесата Тодорка Андова и ѝ дава мотивација да продолжи да пишува стихови посветени на децата.
– На моите мали и драги читатели што три децении беа главната грижа на професионален план, но и инспирација одвреме-навреме сакам да им подарам грст стихови што всушност се дел од нивното опкружување само преточени преку перото на нивната почитувана тетка Тоше. На четирите поетски книги што досега се објавени, „Детски срца“, „Насмевката моја“, „Сонот на едно дете“ и „Разиграни букви“, сега ќе им се придружат и книгите „Најубав сон“ и „За тебе мило дете“. И овој пат основната водилка на стиховите беше определбата да пишувам за сето она што ги опкружува, за основниот товар на сознанијата на нашите најмили, кои се на прагот на осознавањето на светот околу нив. Мојата прошетка низ разни содржини има за задача што полесно да го почувствуваат секој збор нареден во една низа. А има ли нешто поубаво од тоа да учиш за многу нови непознати нешта? Морам да признаам дека тоа ме први среќна како и уверувањето дека овие мои книги ќе им бидат секогаш при рака или дел од нивната домашна библиотека – вели Андова.

Поетските книги „Најубав сон“ и „За тебе мило дете“, за жал, поради пандемијата не беа промовирани, па затоа „Колибри“ овој пат ја има улогата на промотор на прекрасните стихови инспирирани и напишани за децата и ќе помогне тие полесно да го најдат патот до детските срца.
– Многу често ме прашуваат која е мојата инспирација да пишувам песни за децата. Со оглед на фактот што работниот век го поминав работејќи меѓу и со децата (во детската градинка „Рада Поцева“ во Кавадарци), тоа за мене подразбира дека тие ми беа и сѐ уште ми се најголемата инспирација да пишувам стихови за нив. Секојдневно гледајќи ги како се радуваат и смеат на сето она што е околу нив, другарувајќи со играчките и другите деца, во мене се будеше желбата да бидам како нив и да ѝ се радувам на играта. Во таквите моменти го откривав детето во мене, кое со иста желба сака да си игра, да се смее и да пее заедно со нив. Содржината на песните е разновидна. Тука пред сѐ се природата со сета своја убавина, годишните времиња, семејството, животните, празниците и низа обични и необични случки за кои ќе се сетев, а за кои сметав дека ќе им бидат интересни и дека ќе им се допаднат – ни рече Тодорка Андова.

Поетските книги „Најубав сон“ и „За тебе дете мое“ се наградени од „Дата- песнопој“ во категоријата „Книжевни меридијани“. Овие наградени дела вкупно донесуваат 124 нови песни.
Според критичарите, поетскиот ракопис на Тодорка Андова го краси исклучителна едноставност во изразот што се граничи со перфекција во изборот на зборови, кои во рима лесно го наоѓаат патот до детето и многу бргу се запаметуваат. Тоа го потврдува фактот што многу стихови додека работеше во градинката се преточија во песнички што децата и ден-денес ги пеат овековечени во музичката песнарка „Ајде да пееме“. Но исто така значаен број нејзини стихови беа испеани на детскиот фестивал „Гроздоберче“.


Најубав сон

Кога денот на запад навалува
И сѐ повеќе се смалува,
И кога во природата замира секој ѕвон,
Тогаш за децата доаѓа
Најубавиот сон.
Во ноќта тивка
Нив Месечко ги милува леко
А ги целива меко,
Па тој ќе засвети како булка
И сите деца ги успива
Како во лулка.

(Од книгата „Најубав сон“)