Секогаш им ги отворам вратите на младите

157

Додека работев во театар им ја отворав вратата на младите таленти и многумина од нив сега се познати глумци и режисери. Патот на уметникот секогаш е трнлив, особено кога никој не ти дава поддршка. Сепак никогаш, по никоја цена не би ги сменил мојата професија и сето она со што се занимавам – вели овој сестран автор

БАЛКАНСКИ АВТОРИ ВО „КОЛИБРИ“: ЗДРАВКО ОДОРЧИЌ, ХРВАТСКА

Здравко Одорчиќ е режисер, романописец и поет. Роден е во Осиек, Хрватска, во 1951 година, а живее и работи во Загреб. Автор е на 12 драми, од кои девет се поставени на театарската сцена. Освен за возрасни, пишува и за најмладите читатели.

Еве што вели тој за својот животен избор, литературата, филмот и театарот:
– Во светот на културата сум уште од детството. Во средно училиште моите приказни се објавуваа во училишниот, како и во локалните весници. Извесен период објавував во познатото списание „Арена“. Мојата прва драма е одиграна во еден театар во Осиек, кога бев трета година средно. Тогаш го напишав сценариото и го режирав мојот прв документарен филм. Подоцна сѐ одеше само по себе. Иако досега многу сум создал и направил, никогаш не станав голема ѕвезда, бидејќи она со што се занимаваме ние писателите е откривање на дел од својата интима, нешто затскриено. Сепак, ги искористив моето знаење и искуство да им помагам на другите, пред сѐ на младите – со гордост вели Одорчиќ.

Во 1992 година во Осиек, тој го оснoва првиот приватен театар во Хрватска. Ги режирал своите претстави и соработувал со великаните на хрватското глумиште, но и со тогаш младите студенти по глума, кои денес се еминентни глумци. Направил неколку театарски драматизации и ги режирал.
– Додека работев во театар им ја отворав вратата на младите таленти и многумина од нив сега се познати глумци и режисери. Патот на уметникот секогаш е трнлив, особено кога никој не ти дава поддршка. Сепак никогаш, по никоја цена не би ги сменил мојата професија и сето она со што се занимавам – вели овој сестран уметник.
Одорчиќ ја создал и приватната телевизија ТВ Осиек плус и бил нејзин уредник.
На онлајн-радиото Мачкамама уредува и води емисија за љубовна поезија.
Автор е на романот „Лега, не сфаќаш“ и пет драмски дела, под наслов „Пет драми“, како и шест поетски книги и една сликовница.
Уредник е на повеќе од 190 книжевни дела. Основач е на здружението за промоција на културата „КУЛТура сНОВА“ и радиото Снова во Загреб. Во рамките на „Култура снова“ го оформува и „Театар на дланка“.

Уредник е, сценарист и режисер на ТВ-емисијата „Загрепски вечери на поезијата од Здравко Одорчиќ“. Член е на Хрватското друштво на драмски уметници и на многу други културни асоцијации.

Основач е и иницијатор на неколку меѓународни манифестации: „Meѓународните карвани на поетите: Валентиново“, „Море на дланка“, „Загреб на дланка“, „Дубровник на дланка“, „Сплит на дланка“, „Славонија на дланка“.
Песните му се преведувани на англиски, унгарски, бугарски, чешки, италијански, арапски, хебрејски, ромски, словенечки и на македонски јазик.Ф.Д.


АВАНТУРИТЕ НА ГЛУВЧЕТО МИШО

На глувчето Мишо му се смачи,
везден да е во куќичката своја,
па реши да се подготви во молк
и да тргне на пат, колку и да е долг.

Од еден рафт го симна куферот,
го истресе од прав,
го отвори расчкрипениот шкаф,
почна облека да пакува,
да се подготви Мишо, ќе патува.

Во куферот стави влечки и пижами,
очила за сонце и четкичка за заби,
гаќичките за капење, ги нареди најгоре,
со надеж дека ќе стигне до некое море.

Во посебна вреќичкa си стави зрно пченка,
едно парче сиренце, и пченица колку што најде,
да има што да касне, ако по пат глад го снајде.

Прозорецот го затвори, се обѕрна уште еднаш,
погледна на саатот, па вратата ја заклучи и тргна по патот.
Ја нарами вреќичката, мина крај рекичката
потскокнува Мишо, радосен е цел, восхитен, највесел.

И оооп!

Зад стариот труп, мачор еден лукав и лут,
Наострил заби, сака Мишо да го зграби.

Ауууу! Се направи голема брканица, лом!
Посилна од бура, посилна од гром!

Панталоните на Мишо на сончогледот се најдоа,
влечките под печурка паднале,
а пченичката, вкусна, златна,
падна во водата матна.

Задишан Мишо, воден од пот, уплашен од сиот тој лом,
едвај трчечкум стигна до својот малечок дом.

Со вознемирена душа, од она што се случи,
со треперлива рака, вратата ја заклучи.

Легна в кревет, мисли реди:
Подобро е дома да си седи!

Здравко Одорчиќ (од сликовницата „Авантурите на глувчето Мишо“)
Препев од хрватски на македонски јазик: Филип Димкоски)