Свети Јован Златоуст го користел зборот за доброто

78

проф. д-р Кирил Темков

Во етиката зборот е многу важно средство. Меѓу силните христијански беседници вистински углед ужива етичарот свети Јован Златоуст, кај кого, како и со името што му го дале, се истакнуваат убавината и силата на неговата реч.

Јован е роден околу 344 година во сириска Антохија (откаде што потекнува и еден век постариот прв охридски светител Еразмо). Се истакнувал со монашка строгост и со праведност во правните прашања. Бил многу учен и пријателствувал со Василиј Велики и со Григориј Низијански. Во 397 година го повикале во Цариград, каде што станал патријарх. Тој е автор на основната црковна служба во православието.

Јован Златоуст е најпознат христијански беседник во долгата низа големи умови, мислители, учители и ретори на христијанството. Зборувал толку убаво што рекле: „Златна ти е устата Јоване, биди благословен“! Името Златоуст (Хризостом) го следи до денеска. Бил доблесен етичар, исклучително правдољубив, секогаш ја зборувал вистината без огради, силно и отворено.

Нема тема за која не беседел. Бил вистински активен учител. Зачувани се стотици негови беседи, кои се украс на етичката и просветната грижа за човештвото. Зборувал против алчноста, раскошот, среброљубието, лихварството, против угнетувањето на невините и ограбувањето на бедните.

Свети Јован Златоуст својот збор и енергија ги користел за доброто, сметал дека е неопходно да подучува и етички да ги советува луѓето. Неговите многубројни мисли се практично насочени и посветени на доброто однесување.

Тој учел дека етичкото значење извира од моралниот настап на личноста.

Велел: „Не е лошо виното, туку пијанството“. Целта е во себе да одгледуваме свест за вистински вредности.

Многу беседници, теолози и педагози биле негови следбеници, а тоа бил и нашиот свети Климент Охридски.

Големиот и често измачуван праведник умрел во прогонство во 407 година.


Етичка мисла

Да се биде алчен не е исто што и да си богат. Алчниот не е богат. Тој е роб, а не господар. Да си богат, тоа значи не да имаш многу, туку да даваш многу.