Сакам предизвици и откривање нови научни дисциплини!

185
Досега Бошко има освоено многу први места на општински, регионални и на државни натпревари

Таленти: Бошко Бошков, математичар

Во списокот на талентирани ученици за кои секогаш има место на страниците на „Колибри“ со задоволство го допишуваме името на Бошко Бошков од Кавадарци. За него оваа 2019 година беше повеќе од успешна на сите натпревари на кои учествуваше и за своето основно училиште „Гоце Делчев“ донесе многу награди.
Бошко Бошков како ученик во четврто одделение првпат учествуваше на натпревар по математика. Беше прв на училишниот, општинскиот и на регионалниот натпревар, по што сфати дека може да постигне и повеќе. Во петто и шесто одделение го повтори успехот на регионалните натпревари, од каде што се врати како првонаграден.

Успешната приказна продолжува и во седмо одделение кога имаа можност да се натпреварува и на државно ниво и ја освојува третата награда по математика, а во осмо добива и прва награда на државниот натпревар, каде што ја додава и третата награда по биологија. Од природните науки што му се омилени на Бошко за натпревар во деветто одделение, покрај математиката ја избира и физиката. И повторно е меѓу најдобрите, со освојување на прво место по физика и второ по математика. На овие признанија годинава го додаде и бронзениот медал на Јуниорската математичка олимпијада, како и признанието од своето училиште за ученик на генерацијата.
– Најмногу ме привлекуваат природните науки, особено математиката и физиката. Ги засакав бројките уште кога бев многу мал, бидејќи знаев да читам уште на 3-4 години. На почетокот преку игра, а потоа сѐ повеќе и повеќе бројките стануваа дел од моето секојдневие. Татко ми откако ја забележа мојата заинтересираност за математиката ми помогна уште повеќе да ја засакам, секогаш ме поттикнуваше, ме насочуваше и ми откриваше повисоко ниво од она што го учевме на училиште, откривајќи ми секогаш нови предизвици – вели мултиталентираниот Бошко.

Тој, покрај љубовта кон природните науки ја сака и кошарката и редовно тренира. Излегува со своите другари, слуша странска забавна музика и многу сака да ја запознае Европа, особено големите метрополи како што се: Виена, Париз и се разбира Рим, бидејќи ја обожава италијанската кујна. Бидејќи голем дел од слободното бреме вежба математика и физика, посакува понекогаш и да прочита добра книга со авантуристичка содржина и да погледне некој филм од жанрот на научната фантастика. Она што е негова одлика исто така е љубовта кон јазиците. Најмногу го сака англискиот, но го изучува и германскиот јазик. Негови омилени бои се сината и портокаловата и кога во неколку збора би требало да се опише самиот себеси би рекол дека е дружељубив, искрен и го почитува туѓото мислење.


– Сега учам прва година во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци – математичка насока. Сѐ уште е рано да се определам за мојата идна професија, но би сакал да се развивам на полето на науката. Информатиката покрај тоа што моментално е најбарана и најплатена професија и за мене е многу привлечна. Сакам предизвици и откривање нови научни дисциплини. Имам целосна поддршка од моите родители во намерите да го продолжам образованието во повисоки образовни центри надвор од Македонија, но не е исклучена и можноста да студирам во нашата држава. Она што засега со сигурност го знам е дека ќе продолжам да се натпреварувам – ни откри синоокото момче Бошко Бошков од Кавадарци.