„Ракатки 2018“ исткаја уште една низа од детски творби

362

Зад нас е 14. издание на детскиот литературен фестивал „Ракатки“, што се одржа неодамна во Скопје. Фестивалскиот одбор, на чело се неуморната Славка Арсова, чие чедо е оваа реномирана, републичка манифестација за млади таленти, и овојпат ги избра најдобрите творби, што ги напишаа ученици од цела Македонија, кои се отпечатени и во зборникот од годинашното издание.

– На распишаниот конкурс пристигнаа 98 поетски и прозни творби на млади талентирани литературни творци, од кои 40 се избрани за учество на фестивалот и се отпечатени во годинашниот алманах. Темата годинава беше слободна, па тричленото жири, составено од македонски писатели за деца, уживаше во читањето на поетските и прозни творби со различни теми и мотиви, што, пак, покажува кои се интересите на современите деца, на возраст од 8 до 15 години – велат организаторите.
На сцената на домот „Даре Џамбаз“, освен песни и раскази на млади литерати, слушнавме и млади музичари, а писателите за деца со своето присуство исто така го збогатија фестивалот, што заврши утредента со посета на неколку музеи и прошетка низ центарот на Скопје. На крајот децата го посетија и Градскиот парк, каде што завршија годинашните „Ракатки“, а учесниците си заминаа дома со многу убави впечатоци, со нови пријателства и мотив да продолжат да го негуваат својот талент за пишување.

– Се надеваме дека овие талентирани дечиња во иднина ќе бидат афирмирани писатели, кои со перо ќе ги бранат македонскиот јазик и нашата татковина – истакнаа членовите на фестивалскиот одбор.
Секако имаше и подароци за сите учесници, ученици и ментори и ветување дека следната година сите ќе се потрудат јубилејното, 15. издание на „Ракатки“ да го одбележат на најубав начин. 


Чувај го јазикот наш

Пишан споменик има,
за нашиот јазик мил,
за да ни каже и покаже,
колку народот писмен бил.

Цртки и рески има прво,
врежани во камен и дрво,
за после азбука една,
за нас најзначајна и вредна.

Збор по збор се редат,
во низа бисери сјајни,
за да останат за век и веков,
белези значајни и трајни.

Чувај го јазикот наш,
и идентитетот што ти дава сила,
за сите на светот да знаат,
каква Македонија отсекогаш била.

Лора Сентова, 6-б одделение
ОУ „Вера Циривири-Трена“ – Скопје
Ментор: Матилда Бајкова