Работилница за креативно пишување „Остани дете, стани писател“

77

„Остани дете, стани писател“ е насловен новиот предизвик за сите креативци што сакаат авантури и можност да научат нешто ново ова лето, во организација на издавачката куќа „Икона“. Станува збор за почетен курс за креативно пишување за деца и тинејџери, кој почна вчера, а ќе трае до петок. Курсот го води познатиот македонски прозаист и есеист Александар Прокопиев, кој се смета за основоположник на постмодернизмот во современата македонска литература, а неговите дела се преведени и издадени на многу странски јазици.

Овој проект е предизвик за вкупно 15 деца и содржи насоки како да се создадат карактери, колку од нив да има во една приказна, како се развива дејството – како започнува, како се прави заплет, кулминација и расплет, како да се вметнат дијалози, да го одложат дејството. Се учат и техники за подобрување на испишан текст, за да се добие финално дело и да се издаде.

Младите таленти секој ден во просториите на книготеката „Икона парк“, од 10 до 12 часот, со дополнителен термин за консултации при напишани текстови во времетраење од 1 час, во периодот од 29 јуни до 2 јули, ќе се обидат да го пронајдат својот пат во светот на литературата. Професорот Александар Прокопиев е тука оваа потрага да им ја олесни со своите совети и предавања, да поттикне дискусии…

Освен што ќе стекнат корисни знаења, сите учесници ќе имаат можност за објавување на делата во збирка раскази од страна на издавачка куќа „Икона“, а исто така учесниците ќе добијат сертификат за успешно завршен курс за почетно пишување.