Пчелата ја носи на својот грб нашата планета

236

Единаесетгодишната ученичка Сара Цветковска од Скопје освои прва награда на глобалниот натпревар на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) по повод Светскиот ден на храната, 16 октомври, кој беше организиран минатата година.
Како што информираат организаторите на натпреварот, нејзиниот постер, на кој доминира пчела, е избран за прв од најдобрите три во категоријата од 9 до 12 години.
– Пчелите се клучни чинители во синџирот на исхрана и играат важна улога во зачувување на безбедноста на храната, подобрувањето на исхраната и борбата против гладот – соопшти ФАО.

Светскиот ден на храната, според организаторите, ја инспирирал 11-годишна ученичка од Скопје да ја претвори својата имагинација и уметнички талент во цртеж, кој повикува на „заштита на пчелите за постигнување свет без глад“.
– Благодарение на пчелите ја имаме храната што ја јадеме. Со заштита на пчелите го заштитуваме животот на нашата планета. Пчелите и другите опрашувачи се неопходни за производство на овошје, зеленчук, јатки, семиња и масла кои ги јадеме, богати со микронутритивни материи. Пчелите се под закана на низа човекови влијанија – употреба на пестициди, загадување на воздухот и климатските промени – истакна Сара, која во својот цртеж објаснува како „пчелата ја носи на својот грб нашата планета за да покаже дека на мајката природа ѝ се неопходни пчелите за да создава здрава храна“.

Според Сара, ние сме им потребни на пчелите за да ги заштитиме, а пчелите ни се потребни за безбедна иднина на нашата храна и за свет без глад.
– Без млади луѓе како Сара, Светскиот ден на храната не би бил посебен. Сара и нејзините пријатели натпреварувачи низ светот се шампионите на целта за одржлив развој „Нула глад“, кои помагаат да се шири зборот дека нашите дејства се наша иднина. Со грижa за животната средина и одржливо живеење, сите можеме да помогнеме во зачувување на нашите екосистеми и безбедноста на храната – наведуваат организаторите.