Промовирана новата сликовница „Девојче и мече“ од Ване Костуранов

26

Во весела атмосфера, со многу деца, родители, љубители на современата детска литература и понекое кадифено мече, минатата недела во книжарницата „Литература.мк“ на улицата Македонија, беше промовирана новата сликовница „Девојче и мече“ од познатиот македонски илустратор и уметник Ване Костуранов.

Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, е топла сонувачка приказна за другарството и за растењето. Ова е втора сликовница за деца и возрасни од Костуранов, по успешната и наградувана „Ѕвездено дете“.

– Со „Девојче и мече“ си го исполнив ветувањето што си го дадов кога првпат станав родител, дека ќе напишам по една книга за моите деца. Сликовницата е посветена на мојата ќерка Ава и на нејзиното мече. Со оваа приказна, всушност, таа расте. Повеќето илустрации се слика за нашето секојдневие откако таа го доби мечето на подарок. Во процесот на создавање на книгата беа вклучени моите деца, особено Ава. Таа беше првиот филтер. Мислам дека е многу среќна од резултатот – рече Костуранов.

Во новата сликовница едно девојче и едно мече ни ги отвораат вратите од нивниот свет, кој е исто толку обичен колку што е необичен. Поминувајќи го сето време заедно, тие откриваат многу нови работи.

– Голем предизвик беше да се раскаже една длабока приказна, на едноставен начин, користејќи многу малку зборови. Сликовниците можеби изгледаат како најлесниот жанр од сите, меѓутоа тие ги имаат најголемите социјални и естетски предизвици од целата детска литература. Во исто време, тоа е медиум преку кој децата добиваат важни информации, кои им помагаат да го разберат светот, им ја поттикнуваат фантазијата и им нудат утеха во тешки моменти. Визуелно, пак, сликовниците се првиот контакт на детето со уметноста. Илустрациите визуелно го збогатуваат читателот, со тоа што му даваат знаења без граници. Сликите се за сите, тие кажуваат приказни за кои не е потребен превод – истакна тој.