Книгата стимулира добар речник, добар фонд на зборови, го стимулира центарот за говор. Ако постои синоним за орална хигиена – четката за заби, книгата е синоним за ментална хигиена, и кај возрасните, но кај децата особено, вели психологот Христина Стефановска

Дебатата „Како најмладите се запознаваат со предизвиците преку литературата?“ на фестивалот „Литера“

На децата не треба да им создаваме искривен свет, не е сѐ ’си живееја среќно до крајот на животот’ и затоа што преку книгата може да се отворат и многу табу-теми. Можеме многу непријатни работи да кажеме преку приказна. Не смееме да им создаваме илузии на децата. Детето треба од најмала возраст да се соочува и со убавото и со грдото. И Андерсен го направи тоа и на некој начин коригира некои моменти од Грим. Но тие ги напишаа тие приказни и тие се од колективната меморија. Треба да бидеме отворени, искрени кон децата и да не ги потценуваме, зашто ако ги штитиме премногу им правиме лошо, рече професорката Весна Мојсова-Чепишевска на неодамнешната дебата на тема „Како децата се запознаваат со предизвиците во животот преку литературата?“, која се одржа во „Јуроп хаус Скопје“, во рамките на меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, кој заврши минатиот понеделник.
Беа опфатени интересни прашања за местото на книгата и нејзиното значење во развојот на децата, какви илустрации сакаат децата, колку книгата може да помогне во надминување проблеми, каква е состојбата со македонската книга за деца… Во дебатата, освен Мојсова-Чепишевска, разговараа и професорот Владимир Мартиновски, психологот Христина Стефановска и Искра Димковска од издавачката куќа „Сказнувалка“.

Девојчето со кибритчињата е меѓу нас

– Со литературата детето се соочува со реалноста, приказните ја содржат метафората на целиот живот, вклучувајќи го сознанието дека човекот е и смртен и се соочуваат и со помалку розовите страни на животот. Често ја спомнуваме „Девојчето со кибритчињата“. Таа приказна ја гледаме во чамци на Медитеранот во моментов, на раскрсниците во Скопје има еден куп такви деца. Една од функциите на уметноста е, секако, емпатијата. Уметноста е исклучително важна во секакви времиња. Неодамна на фестивалот „Друга приказна“ имаше поетско читање, во кое петнаесетина автори, претежно млади и од средна генерација, читаа песни пред дечиња со маски. Нивните реакции, спонтаноста, целата тешка ситуација ни ја вратија надежта дека уметноста секогаш е важна – вели Мартиновски.
Психологот Стефановска истакна дека книгата многу помага во надминување на проблеми на децата, влијае врз критичкиот ум на детето, врз имагинацијата.
– Книгата стимулира добар речник, добар фонд на зборови, го стимулира центарот за говор. Ако постои синоним за орална хигиена – четката за заби, книгата е синоним за ментална хигиена, и кај возрасните, но кај децата особено. Наскоро треба да излезат четири мои книги интерактивен психолошки прирачник. Токму во едната книга зборувам за загубата, за смртта.

Најприфатлив начин за детето да се сретне со неа е токму преку книгата, како на советувањата, така и на дебатите, треба да создаваме психолошки имунитет, да не ги ставаме децата во стаклено ѕвоно. Не постојат само приказни со среќен крај, тие се среќаваат со такви приказни во реалноста, раскинати другарства, во ситуации во кои биле цел на насилно однесување, дали вербално или физичко. Растењето не е лесно. Книгата е таа што многу лесно може да му покаже дека на многу деца им се случува истото тоа низ кое поминува детето. Тогаш детето се охрабрува – вели Стефановска.
Таа е категорична дека родителите не треба да ги модификуваат приказните, а децата треба и во секојдневието да ги оставиме да грешат.
– Книгата како литературно дело ја користам и во работата со децата, во психолошката терапија. Лесно можам да надминам развод кај родители, на пример, кај дете што настрадало од тоа. Со книга може да му објасните многу работи што му се случуваат. Илустрацијата може да се користи за стимулирање на себеизразувањето. Свесни сме дека децата сѐ помалку имаат контакт со околината, свесни сме дека се оставени на механички дразби. Ако немаме идеја што да правиме со детето, ќе му отвориме сликовница и ќе поведеме разговор – појаснува Стефановска.

Во секоја приказна има порака

За Димковска, не постои приказна во која детето не може да си најде нешто добро. Секој аспект од приказната и од илустрацијата му дава нешто на детето и ако тоа биде правилно поттикнувано, детето ќе има придобивка.
– Пред пандемијата издадовме две книги многу важни за овој период. Едното издание го третира прашањето на препознавање и прифаќање на емоциите, без разлика дали општеството ги перципира како добри или лоши, дали е спокој или тага. Додека, пак, второто -„Празнина“ – го води детето низ процесот на тага, низ искуства во кои детето нешто губи и потоа му недостига. Сметам дека родителот треба да биде ангажиран другар во чинот на читањето. Ако и вие ја сакате книгата, и детето ќе ужива. Мислам дека добра приказна и илустрација не може да стане застарен медиум, без разлика на целата дигитализација, зашто нуди поинакво доживување, нуди можност да се гледа, контемплира, да се бараат детали, децата многу го сакаат тоа, да измислуваат паралелни приказни, треба само да им се даде можност и на целото тоа искуство да му се пристапи со уживање – вели Димковска.
Мојсова-Чепишевска потсети на една особено важна навика, која многу позитивно влијае врз децата, а тоа е бавното подготвување за спиење на децата и читањето приказна пред спиење.

– Детето навечер не треба да биде пред таблетот, телевизорот, треба да му се навратиме на раскажувањето. Децата се најактивни токму пред заспивање. Да го искористиме зловремето да му се свртиме на своето дете и сите ние како родители, баби, тетки, наставници и да станеме нови Марко Цепенковци. Да раскажуваме, да измислуваме приказни и детето самото да го прави тоа.
На тој начин ќе ја освежиме и уметноста и таа ќе има нова перспектива – посочува професорката.
Третото издание на „Литера“ ќе се одржи на 3 јуни 2021 година. Организатор на фестивалот е центарот за визуелна комуникација „Ефектива“.


Наградени

Фестивалот „Литера“ прва година доделува награди за најдобрите изданија. Идејата е да се поттикнат и да се поддржат литературата и илустрацијата за деца.

*Сликовницата „Бел“, по текст на Ника Гавровска и илустрации на Ристо Аврамовски, ја доби наградата за најдобро илустрираното дело во изминатата година на меѓународниот фестивал за литература и илустрации за деца „Литера“ од Скопје. Оваа награда на пиедестал го става визуелното решение на делото. Три награди фестивалот додели за најдобри сликовници или книги за деца, вреднувајќи го текстот во делата. На конкурсот учествуваа нешто помалку од 30 изданија.

* За најдобра сликовница за предучилишна возраст е прогласена „Ежето Снеже“ од Неше Рамовиќ, а илустрации на Иванка Нива, во издание на „Арт енд арт студио Батев“. Во категоријата литература за деца од 6 до 13 години, за најдобра книга е прогласена „Брзоплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од Катерина Трајановска (илустрации на Калиопи Трпчева), во издание на „Арс ламина“, а во категоријата книги за млади е наградена авторката Билјана С. Црвенковска за „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“, со илустрации на Нита Муча, како книга-нопак (книга што се чита одзади) издание на „Чудна шума“.
За книжевните награди одлучи жирито во состав: Весна Мојсова-Чепишевска, Александра Јуруковска и Ангела Трајковска.

*За наградата за најдобро илустрирано дело одлучи жирито во состав: Ване Костуранов, Софија Семенпеева-Трајановска и Емилија Ќипроска.

*Во рамките на „Литера“ беше доделена и награда за најдобро дете автор на 11-годишната Јана Ѓорѓијевска од Скопје.