Претставена „Приказна за мачорот Ал“ од Трајче Кацаров

22

Во центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани минатата среда се одржа првата промоција на сликовницата „Приказна за мачорот Ал“ од авторот Трајче Кацаров, со илустрации на Боркица Арсевска, во издание на „Просветно дело“.
На промоцијата присуствуваа голем број гости, наставници и ученици од второ до шесто одделение од основните училишта во Кочани, како и вљубеници во пишаниот збор од сите возрасти.

Промоцијата помина во прекрасна атмосфера и дружење на авторот со неговите читатели.
Инаку, ова е десетта книга за деца на писателот Кацаров, кој во јавноста е повеќе присутен како автор за возрасни, но, еве, веќе 20 години ја негува и литературата за деца.

– Мојата последна книга што им ја посветив на младите читатели е приказна за еден мачор што е многу мрзлив и алчен. Таа испраќа порака дека овие особини секогаш му наштетуваат на оној што ги поседува. Во случајот тоа е мачорот Ал, кој сака да стане крал на седумте празни канти за смет, каде што, како што вели, сака да ја проживее својата мирна старост, со круна од тенџере и на престол од стара канта за смет. Порака до децата е дека до успехот не се оди по патот на мрзеливоста, туку со труд, дружељубивост и креативност – вели авторот Трајче Кацаров.