Почит за колегата!

198

Познатата македонска писателка и преведувачка Бистрица Миркуловска (91), по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, чие одбележување е во тек, напиша песна, што ја наслови едноставно „На Блаже Конески“ и инсистираше нејзиното прво објавување да биде во „Колибри“.
Навистина сме почестени од гестот на професорката Миркуловска и ѝ посакуваме нејзиниот бистар ум и креативност уште долго да бидат нејзини сојузници.
Во неодамнешниот телефонски разговор таа ни откри зошто оваа прекрасна песна, напишана во акростих, сака првпат да биде објавена во „Колибри“.
– „Колибри“ е мој придружник, речиси од неговото основање во дамнешната 1958 година. На неговите страници се објавени многу мои творби, проекти, промовирани нови книги, проследени се моите учества на многу детски манифестации и литературни фестивали… Токму затоа посакав песната што му ја посветив на големиот Конески, кој долги години беше и мој колега на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што јас предавав словенечки јазик. Со овие стихови, кои ги содржат најпознатите дела на Конески, уште од 1947 година, што ги знаат и денешните ученици, сакав да направам еден омаж на неговото плодно и вредно творештво – ни откри Бистрица Миркуловска.
Таа додаде дека Конески ќе го запамети како благ, скромен човек, кој за неа секогаш имал зборови на поддршка.
Од срце ѝ благодариме за оваа прекрасна песна, напишана во спомен на големиот македонист, лингвист, професор, писател…, а пред сѐ човек – Блаже Конески.


На Блаже Конески

(сонетен акростих)

Нашиот ЗБОР ни е ТАТКОВИНАТА!
Ако пламне ПОЖАР веднаш гаснете!

Бело платно везба од ВЕЗИЛКА…
Леле ТЕШКОТО уште го играме….
АНГЕЛОТ од фреската го возљубив.
ЖИВЕЈ ЧЕСНО – како што прилега.
Една малечка ТАЈНА откриј ми ја…

КОЛОНА БОРЦИ врви кон СОНЦЕТО.
Оф зошто го урнале ЦРКВИЧЕТО.
Не ми ја ОДЗЕМАЈ СИЛАТА, Боже!
Ене, зад превалецот е ЗЛАТОВРВ.
СТЕРНАТА силно баботи во мене.
Кој изградил МОСТ – има пријатели.
ИЗГРЕВИ да ни се вечни СВЕТЛИНИ!

Со благодарност за сите мудри пораки Бистрица Миркуловска, април 2021 г.