Подобрување на онлајн наставата за постигнување подобри резултати

227

Учениците покажаа голема одговорност и посветеност и верувам дека кога ќе се вратиме во училниците ќе имаме можност во целост да ги видиме резултатите и да се увериме дека се совладани наставните содржини, вели Александра Бошков

ОД МОЈ АГОЛ: Александра Бошков, наставничка по македонски јазик во ОУ „Д.А.-Габерот“ во селото Ваташа

Глобалната пандемија на коронавирусот и потребата за воведување онлајн настава морам да признаам дека на извесен начин ги затекнаа и учениците и наставниците. Јас сум мајка на две деца, меѓу кои има десет години разлика, па многу е тешко да се искоординира наставата на мојата ќерка, моите часови, кои траат и претпладне и попладне, и потребите на малата ќерка од една година. Верувам дека многу од наставниците исто така се родители и на своја кожа ги почувствуваа тешкотиите од онлајн наставата, во исто време да се родители и наставници во своите домови.
Како наставничка по македонски јазик во ОУ „Димката Ангелов-Габерот“ во Ваташа работам веќе една деценија и слободно можам да констатирам дека во онлајн наставата имав многу позитивни искуства, особено затоа што моите ученици беа од седмо, осмо и деветто одделение. Тие покажаа голема одговорност и посветеност и верувам дека кога ќе се вратиме во училниците ќе имаме можност во целост да ги видиме резултатите и да се увериме дека се совладани наставните содржини.

Отсуството на директен контакт со учениците навистина ми недостигаше, затоа што кога онлајн го слушате одговорот на еден ученик сите други микрофони се исклучени и наставникот навистина не е во можност, како на часот во училница да го следи вниманието на учениците и нивните реакции. Магијата што може да се направи на часот со учениците за да се привлече нивното внимание сега ни е скратена, како и можноста да ги поттикнеме или да ги анимираме учениците на поинаков начини. Токму затоа тој директен контакт навистина мене лично многу ми недостига.
Истото го почувствував и кај учениците затоа што им недостига секојдневната дружба со другите ученици во училиштето. Тешко може да се замени директниот контакт со ученикот, но мора да се приспособиме на условите и сега додека трае распустот да размислуваме на кој начин да ја унапредиме онлајн наставата за да постигнеме подобри резултати.

Една од важните предности во овие услови на пандемија е дека децата многу брзо научија како да се приклучат на програмата и непречено да ја следат наставата. За жал, во нашето училиште имавме деца што немаат дома компјутер или, пак, имаат ама не се приклучени на интернет, што навистина го отежнуваше одвивањето на наставата особено кај понижите одделенија. Во оваа насока Министерството за образование преземаше соодветни мерки за да им се овозможи на учениците од социјално загрозените семејства да посетуваат онлајн настава. Мислам дека летниот период треба максимално да се искористи токму во оваа насока на сите ученици да им се обезбедат исти услови за следење на виртуелните часови.