Подари мартинка, израдувај дете!

114

Прославувањето на 1 Март со мартинки во Кавадарци има долга традиција, а детската градинка „Рада Поцева“, на голема радост на многу генерации, го одбележува најмалку половина век.

Годинава одбрани групи од сите објекти на детската градинка, „Снежана“, „Гроздоберче“, „Буба Мара“, „Детелинка“, „Изворче“ и „Ваташки цветови“, на неколку локации на градскиот плоштад во петокот ги повикаа сите пријатели на децата да ја покажат хуманоста. Нивната хуманитарна акција за продажба на мартинки што ги изработија заедно со своите воспитувачки и негувателки беше „Подари мартинка, израдувај дете со желба за здравје и радост за себе и своите блиски“.

Оваа нивна хуманитарна акција е во рамките на проектот „Од дете за дете“, а собраните средства ќе бидат наменети за набавка на дидактички материјал за децата од градинката. Наедно, дечињата од објектот „Буба Мара“ му подарија мартинки на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. 


Од бележникот на Христо Петрески

Марта од Мартино

Јас сум Марта
И моето село
Го нема на географската карта

Во Мартино бабите сучат
Црвено-бели мартинки
Децата среќни да бидат и вредно да учат

Црвениот конец поалов и од кикиришките на петлите
А белиот побел и од белутракот во реката
Уроците ги бркаат да исчезнат како прашината пред метлите!


Го сакам март поради мартинките

На сликите ги гледам врзани на рацете мартинките
Кога сум бил дете со шарени бои ете и на двете
Црвена како најруменото делишес јаболко од Преспа
Бела како најбистрата езерска вода среде која веслам

Но и темносина каков што убав чадор само небото има
Жолта како цутот на дренот кој штотуку се буди
Зелена како листот на кокичето кукурекот и јагликата
Со две три па и пет најлични бои се конците на мартинката

Дури не слетале повторно штрковите во своите стари гнезда
И не се појави вишниот лет на ластовиците и црцорливата песна
До тогаш ќе чека пролетта во дворот на непредвидливата Баба Марта
Брзите среќни коњи на детските кочии во галоп кон небото ќе ездат!

(Песните се напишани во Дојран и во Скопје, на 25 февруари годинава)