Петта есенска средба на млади литерати и на познати писатели за деца

45
Учесниците на манифестацијата

Сите што учествуваа на конкурсот заслужуваат пофалба. Токму затоа фестивалот расте, па од општински, годинава е под закрила на градот Скопје, а во иднина може да прерасне и во републичка манифестација, вели писателот Горјан Петревски

Јубилејното, петто издание на дводневната литературна манифестација „Есен во Гази Баба“, минатата среда почна на локалитетот Тумба Маџари, археолошко наоѓалиште во близината на Скопје, од времето на неолитот. Токму тука, во оваа населба од новото камено време, каде што во 1984 година при едно ископување е пронајдена фигурата позната како Големата мајка, младите литерати од повеќе скопски основни училишта, чии творби беа избрани на литературниот конкурс „Есеј за есен“, ги читаа наградените текстови пред своите соученици, менторите, но и пред неколкумина познати автори на литература за деца.

Опкружени со артефакти, кои говорат за тоа дека уште многу одамна, пред цели 6.000 години на оваа почва се живеело, но истовремено се создавала и уметност, учениците докажаа дека таа креативна нишка постои и денес, правејќи ѓердан од зборови, на теми за есента, првата љубов, семејството, среќата, животот…
Првиот човек на фестивалот, познатиот македонски писател за млади Горјан Петревски, поздравувајќи ги присутните, рече дека годинава одгласот на распишаниот конкурс „Есеј во есен“ бил голем, а со самото тоа задачата да се одберат најдобрите творби била уште поодговорна.

– Сите што учествуваа на конкурсот заслужуваат пофалба. Токму затоа фестивалот расте, па од општински, годинава е под закрила на градот Скопје, а во иднина може да прерасне и во републичка манифестација. Сојузот за грижи и воспитување на деца на Македонија и годинава е коорганизатор, а општинското основно училиште „Григор Прличев“ е постојан домаќин. Манифестацијата традиционално се одржува по повод 3 ноември, денот на општината Гази Баба. Тука сме, во Тумба Маџари за да ѝ дадеме и еден еколошки карактер на оваа средба, што ќе ја продолжиме во парк-шумата Гази Баба и ќе го посетиме местото каде што се претпоставува дека големиот Блаже Конески ја напишал познатата песна за Скопје, а утре во дворот на училиштето „Г. Прличев“, професорот Васил Тоциновски ќе засади и три дрвја во поетската шума Сердарот – посочи Горјан Петревски.

Ученичката Марија Недановска и писателот Горјан Петревски.

Потоа им беа доделени наградите на најдобрите тројца учесници, кои ќе бидат гости на манифестација „Детски лирски треперења“, идниот јуни во одморалиштето „Радости“ во Охрид, а нивните творби ќе бидат отпечатени во книгата „Крајезерски бранувања“. Слушнавме и фрагменти од избраните есеи, најпрво на тројцата првонаградени учесници: Мане Манов, 9-б во ООУ „Наум Наумовски-Борче“ во Скопје, Теодора Димовска, 9-а ООУ „Војдан Чернодрински“ во Скопје и Емин Џико, 9-б одделение во ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево.

Иако од (не)оправдани причини не дојдоа сите наградени и пофалени ученици, сепак, десетина од нив имаа можност да нѐ запознаат со своите творби. Водителка беше Марија Недановска, 7-в одделение во училиштето-домаќин на манифестацијата „Григор Прличев“, чиј есеј за есента исто така беше меѓу пофалените.
Беше претставена и книгата „Крај девет гори“ на м-р Крсте Велевски, кој исто така ги запозна тинејџерите со сеќавања и со песна што е тоа серенада. Со авторски творби се претставија и поетите: Вера Андон, Васил Тоциновски, Стојан Арсиќ и Ванчо Полазаревски, кој премиерно ја прочита и својата песна „Големата мајка“, посветена на најатрактивниот наод пронајден на овој локалитет.

Освен дипломи, учениците добија и по една книга на Горјан Петревски, кој за крај прочита две свои песни.
– Посакувам шестата манифестација „Есен во Гази Баба“, в година, да биде уште покреативна и поразиграна, а ние како организатори, ќе се погрижиме да се одржи на некое инспиративно место со долго паметење, какво што е Тумба Маџари – рече Горјан Петревски.