Олег Најдовски награден на меѓународниот музички натпревар „Арт ин Велес“

112

Мирјана Мукаетова


Младиот кларинетист Олег Најдовски од Кавадарци продолжува да жнее награди на државните и меѓународните натпревари на млади музичари. Крајот на учебната година тој го закити со голема награда на меѓународниот натпревар на класична музика „Арт ин Велес“, кој се одржа на 9 и 10 јуни, на кој се натпреваруваа 250 млади музичари од целиот регион.
Малиот Олег, кој има само девет години, во прва Б-категорија во силна конкуренција успеа да освои максимални 100 поени и да добие специјална награда, посветена на професор Томислав Димов, неодамна починатиот врвен македонски музичар што работел и живеел во повеќе земји во светот. Покровителот на натпреварот, покрај плакета и медалот, му доделува и парична награда во износ од 100 евра, што досега не било случај на досегашните и други меѓународни натпревари што се одржуваат во Македонија.
Олег на овој меѓународен натпревар се натпреваруваше со композициите „Менует“ и „Селска игра“ од Моцарт, кои ги отсвири беспрекорно и го воодушеви десетчленото жири, составено од истакната музички педагози од повеќе држави: Македонија, Србија, Хрватска, Русија, Норвешка и Шведска. Покрај пофалните зборови, Олег добил покана да биде дел од турнеја на млади талентирани музичари, што подразбира концерти во повеќе земји, и тоа Германија, Норвешка,Франција и САД.
Олег Најдовски е ученик во ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци, каде што го изучува инструментот кларинет во класата кај наставникот Пешо Бошков. Иако само две години свири на овој инструмент, тој покажува исклучителен талент, што се потврди на неговиот прв натпревар по само шест месеци учење кларинет, кога се закити со првата награда. Неговата детска соба е украсена со многу освоени награди, и тоа најмногу први.

– Олег е едно исклучително музикално дете, кое се среќава еднаш на 10 или 20 години. Во мојата долгогодишна кариера како музички педагог, сум имал само еден ваков ученик, а тоа е Јован Јованов. Олег е вљубен во инструментот и едвај чека да дојде часот и да свири. Очекувам од него да се развие во извонреден инструменталист – вели неговиот педагог Пешо Бошков.
Тој дополни дека се подготвуваат со Олег за музички натпревар во Германија.
А кога го запрашавме Олег какви се неговите впечатоци од натпреварот во Велес, тој ни рече дека е многу задоволен, бидејќи отсвирил добро и без грешка и добил пофалби од жирито, но и од публиката. Ни откри дека никогаш нема трема и не се плаши од јавни настапи, па така било и на гала-концертот на кој настапил со 15-те најдобри во натпреварот. Кларинетот е негова најголема љубов, вежба секој ден, освен понекогаш во сабота и недела, кога повеќе сака да си игра со своите другари. Ужива во распустот, и понатаму не сака да јаде макарони, а обожава сладолед од ванила, чоколадо, банана и орео. Многу се радува што единствено тој од сите учесници во натпреварот од Македонија е поканет да биде дел од турнејата на млади талентирани музичари, но малку се плаши да лета со авион.