Од згода до згода, заграб бистра вода!

33
Васил Мукаетов

Во литературното катче „Од згода до згода, заграб бистра вода“, објавуваме песни на познатиот македонски писател Васил Мукаетов, од книгата „Поглед со двоглед“, инспирирани од творештвото на големиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков.

„Зрнце по зрне – погача.
Капка по капка – море.
Умниот Марко собирал
сѐ што народот
премудро зборел.
Бисер до бисер, течно
За да ни остане вечно!“
Ете, вака, со стихови, Мукаетов ни објаснува зошто ја напишал оваа негова книга.
– Во богатото творештво на Цепенков има приказни, умнозборки, пословици и поговорки. Некои од оние што се однесуваат на децата ги ставив во песни. И пак со желба – за поука и радост. И самиот Цепенков напишал: „Кога ќе и препееф пословиците, голема радос и лезет усетуеф“ – додава Мукаетов.


Одамна се знае

Ми кажува Петар,
пребрз, како ветар.

Прошетал насекаде,
видел некаде:

Кучето задолжено: колбаси да чува.
Со дрвена стрела да се лови мува.

Мачиња на рипчиња, друштво да им прават.
Отвориле прозор – со ветер да се справат!

Со затворен чадор, по дожд и по роси!
Ова со здравиот разум се коси.

Одамна се знае:
„Во решето вода не се носи“.

Песната „Одамна се знае“ е инспирирана од поговорката запишана и зачувана од Марко Цепенков, која гласи „во решето вода не се носи“.


Наместо белешка за авторот

Васил Мукаетов е македонски писател за деца. Роден е во Кавадарци, а со своите читатели другарува уште од 1960-тите години, преку списанијата „Титов пионер“, „Другарче“ и „Колибри“, а денес е застапен и на страниците на „Другарче“ и „Развигор“.
Автор е на десетина книги: „Ти реков, ми рече“, „Ај погоди“, „Да нацртаме другар“, „Кој кого расте“, „Децата можат сѐ“ и други. Застапен е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. За неговата книга „Скокни, прескокни“ е добитник на наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија.