Од бележникот на писателот Димитар Алачки

44

Сонување

Во вечерите снежни,
во зимата додека снежи –
пред вас животот лежи…
Во ноќите полни со ѕвезди
во вас среќата се гнезди.
Помирисајте го цветот,
откривајте го светот
и сонцето во вашата коса.
Деновите сјајни се големи тајни.
Трчајте, одете, пливајте,
гледајте, слушајте, откривајте!
Дури и во сон, кога спиете – некаква тајна ќе откриете.
И кога во животот заронувате
никогаш не престанувајте да сонувате!


Тажниот крал

Ми рече еден министер важен –
кралот бил несреќен и тажен,
круната ништо не му значела,
а само една мисла го мачела –
да трча бос по ливадите,
здодевни му биле парадите,
нешто го стегало во градите…
целиот свет кралот го видел,
а сакал само – дете да биде!
И, еве, го менува кралството
за детството и за другарството.

(Песнички од книгата „Таинствен сликар“)