На фестивалот учествуваа 47 автори, основци и средношколци, заедно со своите ментори, од целата земја, од кои многумина беа присутни на доделувањето на наградите во саботата во дворот на ОУ „Блаже Конески“ во Скопје

Одржан 17-от републички детски литературен фестивал „Ракатки 2021“

„Оваа година републичкиот детски литературен фестивал ’Ракатки‘ одбележува 17 години од своето постоење. Повеќе години врвни македонски писатели, наставници и ментори се дел од оваа успешна приказна, во која главни ликови сме токму ние децата, творци на прекрасна поезија и проза. Секоја година грст насмевки на детските лица го доловуваат сјајот на овој престижен литературен фестивал“, со овие зборови младата водителка Мила Алуловска, ученичка во осмо одделение во ОУ „Блаже Конески“ во Скопје, во саботата претпладне го отвори 17-то издание на фестивалот „Ракатки“ во дворот на своето училиште.
На годинашното издание, кое првпат поради пандемијата на корнавирусот се одржува на отворено и наместо два, само еден ден, учествуваа 47 млади автори, основци и од годинава и средношколци, а повеќето беа присутни на доделувањето на наградите.
Претседателката на фестивалскиот одбор, Јадранка Клисарова, меѓународно наградувана наставничка, писателка и творец на едукативни прирачници, поздравувајќи ги присутните, прво подвлече дека оваа манифестација немаше да пости без големиот ентузијазам на почесната претседателка, писателката Славка Арсова, која заедно со својот внук, кој беше меѓу наградените ученици, го следеше фестивалот. Во знак на благодарност таа доби букет цвеќе од фестивалскиот одбор и беше поздравена со ракоплескање од присутните.
– Средбите со младите литерати и нивната љубов кон мајчиниот јазик се поттик и голема радост, како за членовите на одборот така и за наставниците ментори. Тие ги следат и насочуваат детските мисли, љубов, детските желби и мечти, кои се преточени во нивните литературни творби, на сите јазици: македонски, турски, албански, ромски, српски, влашки…, со една заедничка цел, да ја покажат љубовта кон пишаниот збор. Истовремено да ја презентираат пред пошироката јавност својата дарба за литературно творештво – истакна Клисарова.

Таа дополни дека на годинашниот конкурс пристигнале над 100 поетски и прозни творби од сите делови на нашата земја, а членовите на жирито воопшто немале лесна задача да ги изберат најдобрите од добрите дела.
– Горди сме затоа што имаме голем број млади литерати, чии дела потврдуваат дека младешката мисла е порив, што не може ништо да го сопре, да се претвори во извор и да се разлее во некоја потеска или прозна творба. И годинава имаше другарување меѓу младите творци и нивните ментори, а се надеваме дека во иднина поетската манифестација „Ракатки“ уште повеќе ќе расте и ќе ги отвора вратите за младите таленти – рече Клисарова.
Учесниците на фестивалот, што и годинава го поддржа Министерството за култура, добија признанија и симболични награди. Тие ги прочитаа своите наградени творби, што и овој пат се најдоа во отпечатениот алманах, во издание на „Академски печат“.
Прва својата творба „Како се прави песна“ ја прочита Ивана Спирова, ученичка во четврто одделение во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје.
Свои настапи имаа и неколкумина музички таленти, а пред присутните две свои песни прочита и писателот Перо Миленкоски. Тој му посака на фестивалот и во иднина да ја збогатува градината на поезијата.
Писателот и литературен критичар Васил Тоциновски, кој годинава беше член на жирито, истакна оти му било чест што е дел од оваа манифестација.
– Не е случајно што денеска сме тука во ОУ „Блаже Конески“, бидејќи сите вие сте вистински следбеници на Климент Охридски, Крсте Мисирков, Кочо Рацин и Блаже Конески. Во годината во која празнуваме 100 години од раѓањето на еден од совршените умови на македонската литература, ви посакувам во сѐ поголем број да продолжите да работите и да создавате на својот јазик, но никогаш да не ги заборавите своите претходници – порача Васил Тоциновски.
Дел од фестивалот беше хуманитарецот Живко Поповски-Цветин, кој на присутните им подари 100 свои минијатури и пред учесниците и гостите ја изрецитира песната „Ружа“, која лично му ја посветил Блаже Конески.

На крајот, кога ги слушнавме сите творби, годинава на слободни теми, претседателката Јадранка Клисарова ги повика присутните уште малку да другаруваат под сенките на старите дрвја во дворот на нејзиното училиште „Блаже Конески“, кое беше одличен домаќин на 17-то издание на овој детски фестивал, кој континуирано е присутен и на страниците на „Колибри“, бидејќи една од нашите цели, како четиво за млади, е промовирање и поддршка на талентите во сите области.

Како се прави песна

Да се направи песна,
задача е лесна.
Ги смислуваш сите
стихови и строфи,
пишуваш за убавини,
а не за катастрофи.

Песната е убава како сон,
кажуваат сите со повисок тон!
Зборови ни надоаѓаат како плима,
со стихови што имаат рима.

Можеме да смислиме песнички рој,
во нив зборови безброј.
Има песнички разни,
а во нив безброј приказни.

Ивана Спирова, 4-3 одделение ООУ „Ѓ. Пулевски“ – Скопје Ментор: Добрила Илијоска Дикоска


Езерска бајка

Како приспивна песна на една мајка
езерото ми шепоти волшебна бајка,
Потреперуваат езерските води,
сакаат да ги слушнат и блиските гори.

Шумоли полека, тивко оживува,
бран по бран приказната ја пишува.
За скриените тајни во длабочините,
за белите галеби во височините.

За двата лебеда силно вљубени
во синилото и бескрајот изгубени.
Раскажува сказна за љубовната сага
што во сечие срце буди тага.
На брегот седам и слушам
езерска приказна ми отвора душа.
„Љубов, ах љубов“ – викам
и полека се смирува езерската слика.

Анамарија Калајџиевска, осмо одделение
ООУ „Ј.Б.Тито“ – СтругаМентор: Елизабета Барануаи -Кукунешкоска


Загаден воздух

Името му е чудно.
Што ли е тоа?
Но, како да се заштитиме,
како да го спречиме?

Одговорот ќе биде токму вака:
Возете велосипеди,
па резултатот ќе следи.
Садете цвеќе,
не фрлајте ѓубре веќе!

Луѓе ни треба чист воздух,
да дишеме!
Дајте, нашата планета Земја
ние да ја заштитиме!

Андреј Димковски, петто одделение ООУ „Толи Зордумис“ – Куманово Ментор: Лидија Станчевска