Нема подобар лекар друг од д-р Овошје и д-р Зеленчук!

170

ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (22)

Сигурно го јадете свеж или во туршија, но дали сте виделе како расте карфиолот? Треба да отидете во градините и бавчите, да видите како изгледа кога ќе се насади, па потоа пак да отидете за да видите како расте и се развива и на крајот третпат да отидете за да видите како изгледа пред да се бере.

Карфиолoт е член на семејството на зелките. Неговите листови се многу слични на зелката, но подоцна тој за разлика од неа си формира здрава бела главица, која всушност е соцветие и токму заради неа се смета за еден од најздравите и најкорисни зеленчуци. Карфиолот содржи многу протеини, есенцијални аминокиселини, витамин Ц, железо, фосфор… Јас на пример го грицкам свеж. А вие како и да го јадете, нека ви е на здравје!


Карфиол

Карфиолот не може да се фали
со некоја стројна става,
но затоа во листовите крие
вкусна и здрава, бела глава.

И свеж и похуван карфиол,
но и во туршија, а и варен,
за секаде него го бидува,
за секаде карфиолот е арен.

Полн е со минерали разни,
насмеан, главата му белее,
иако е најхранлив –
карфиолот не дебелее!


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.

Ваш Филип Димкоски