Нема подобар лекар друг од д-р Овошје и д-р Зеленчук!

65

Дојде време. Црешите веќе узреаја. Веќе ги има во продавниците, на пазарите и во маркетите. Крајот на мај и почетокот на јуни ни носат многу голема радост со зреењето на овие црвени топчиња. Прво да кажеме дека црешите растат на дрво и ѝ припаѓаат на големата растителна фамилија на коскести овошја, во која припаѓаат и праските, сливите, бадемите и кајсиите. Плодот е обоен црвено, внатрешноста е исто така црвена а во средината се наоѓа секја (коска).

Јадењето цреши не само што е вистинско уживање туку прави и многу добрини за нашето здравје. Црешите може да нѐ спасат од главоболки и да го забават процесот на стареење. Исто така тие се добри за срцето и за бубрезите. Црвената боја доаѓа од антоцијанинот што го содржат, кој е корисен за нашето здравје бидејќи помага против воспаленија и ја намалува болката. И за крај, да ви кажам уште три занимливи нешта: како прво, постојат и жолти цреши, како второ, не знам зошто ама колку и да имате цреши дома, некако послатки се кога ќе скинете неколку цреши од некое крајпатно дрво и, трето, иако тие растат на гранките, Драгана од песничкава што следува црешите ги бере од едно друго место.

Црешите успеваат на места каде што има многу светлина, а се распространети речиси насекаде во светот. Македонија е надалеку позната по крупните охридски цреши, или черешени, како шо ги нарекуваа таму. Дрвото на црешата е многу цврсто и затоа нашите илинденци токму од тоа дрво го направиле „црешовото топче“. Штом има силно стебло, значи дека црешата има и јак корен, и како што коренот од црешата тешко се разделува од земјата кога се корне, така и девојката кога се мажи тешко се одделува од мајчината куќа. Тука лежи инспирацијата за познатата македонска народна песна без која не поминува ниедна свадба, а е насловена „Черешна се од корен корнеше“. Толку беше за кажување. Сега преминете на јадење цреши. На здравје!

Ваш, Филип Димкоски


Цреша

Драгана е како гранка тенка,
ама цреши јаде цели вагони,
послатки ѝ биле од лижалче
од слатки и од бонбони.

Кога добро ќе се најадела
од црешите обетки правела,
и кога пак ќе ѝ се пријаде
таа по гранки не се вери,
туку црешите од уши ги бере.

А зошто толку цреши сака?
Ќе ви одговори Драгана без мака.
Уште во бронзено време
од цреша некој фрлил семе,
мора да е здрава штом толку е стара,
а сѐ уште секој ја сака и ја бара.


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа, тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.