Највеселата елка на светот

362

Тоа утро Вики и Влатче топло облечени тргнаа на училиште. Штом излегоа во дворот ја здогледаа елката што по нивна идеја и со заеднички труд на децата и на родителите беше украсена на посебен начин. Птиците де слетуваа, де одлетуваа, џивкајќи влегуваа и излегуваа од шарените куќички

Наближува Нова година, а Вики и Влатче веќе ги украсија своите новогодишни елки во нивните домови. Украсена е дури и елката во нивната училница.
– Со какви лампиони ја украсивте елката кај вас дома? – Вики го прашува Влатче.
Влатче: Имаме сини и црвени лампиони, а светулките се во разни бои. А вие?-прашува Влатче.
Вики: Нашата елка е со сребренести и со бели лампиони, а светулките се исто така сребрени, ставивме и бела лента и сега елката изгледа како навистина да ја наврнал снег.
Влатче: Јас многу сакам, наместо елка од пластика, дома да имаме вистинска, жива елка.

Вики: Но гревота е да се сечат шумите Влатче, нели е така?
Влатче: Не, беее Вики, не мислам јас на тоа. Не мислам да се пресече елката и да се донесе дома. Туку да се засади елка, таа да порасне, да живее некое време во саксија, а потоа да се пресади во дворот или во шумата – објаснуваше Влатче.
Вики: Eee…да, убаво би било тоа…Но не знам дали може да се најде и од каде може да се купи. А мислам дека тоа е поубаво ако се земе мало коренче од елка, да се засади, да никне, па потоа да се украсува. Можеме тоа да го направиме следната пролет. Што велиш? – предложи Вики.
Влатче: Може. Се согласувам тоа да го направиме напролет. А знае ли каде има таква голема вистинска жива елка. Лелеее, како не се сетив порано.
– Вики: Каде, каде? – Вики нетрпеливо го очекуваше одговорот.
Влатче: Па, веднаш пред влезот на нашата зграда. Всушност, она големо дрво пред влезот е елка…Ох, кутрата таа. Неа никој не ја украсува.
– Браво бе Влатче…цар си! Баш убаво што се сети. Секој ден десетици станари од зградава поминуваат, а на елката никој не ѝ посветува внимание. Еве дури и јас и ти не забележувајќи ја поминуваме секој ден крај неа и тоа по неколку пати – со тага зборуваше Вики.
Влатче: А замисли, можеби токму таа елка некогаш некои родители во саксија му ја донеле на нивното дете и дома ја украсувале за Нова година, а потоа кога просторот во саксијата ѝ бил мал ја пресадиле во земјата, во дворот пред зградата.
Вики: И таа сега си тагува тивко и си зборува само со облаците и со ветрот, оти луѓето не разговараат со неа.

Влатче: А зошто да тагува кога е во земјата и има простор да ги шири корењата и гранките?
Вики: Па тагува затоа што никој не ја украсува.
Влатче: Да, во право си! Ајде да направиме да биде најубавата елка, најшарената елка, највеселата елка на светот.
Вики: За да биде најубава и највесела треба да најдеме начин да ја направиме посебна. Да нема ниедна таква елка.
Влатче: Ми текна. Ќе направиме малечка куќарка за птици, за сите врапци и други птици кои зимава останаа да нѐ веселат со нивното црцорење, а не отидоа на југ.
Вики: Можеее…Секоја куќичка ќе ја обоиме во различни бои и тие наместо лампиони ќе ја красат нашата голема елка. Ќе бидат обесени на нејзините гранки и во секоја од нив ќе ставиме по малку пченица.

Влатче: Така е. По пченицата ќе доаѓаат птиците и ем ќе се нахранат, ем ќе пеат, ќе џивкаат.
Вики: Не ни требаат ниту лампиони, ниту светулки, ниту ѕвончиња. Елка со куќички за птици наместо лампиони и самите птици ќе бидат украс, а нивното црцорење највесела новогодишна песна.
Целиот викенд Вики и Влатче го искористија да ги изработат куќичките за птици. Во работата им помогнаа и родителите. Татковците ги сечеа штиците за куќички, а мајките бојадисуваа. Вики и Влатче ставаа пченица и потоа со трчање одеа до елката и ги обесуваа куќичките-лампиони. На повисоките гранки украсите ги поставија татковците, користејќи дрвена скала.

Имаше уште само два-три дена до Нова година, кога заврна снег. Тоа утро Вики и Влатче топло облечени тргнаа на училиште. Штом излегоа во дворот ја здогледаа елката што по нивна идеја и со заеднички труд на децата и на родителите беше украсена на посебен начин. Птиците де слетуваа, де одлетуваа, џивкајќи влегуваа и излегуваа од шарените куќички. Куќичките-лампиони заради белината на снегот кој напаѓал на гранките изгледаа уште поубаво и помагично. Навистина, тоа беше најубавата и највеселата елка на светот.