Мојот замок

77

На страниците на „Колибри“ ги објавуваме расказите на седумте учеснички на тукушто завршената работилница за креативно пишување „Остани дете, стани писател“, на издателството „Икона“. Творбите на кои работеа Амелиа, двете Јани, Екатерина, Марија, Мелина и Евгенија, на возраст од 7 до 14 години, под менторство на познатиот македонски писател Александар Прокопиев, наскоро ќе се најдат и собрани во книга

Во многу од приказните што ги знаеме досега секој главен или, пак, спореден лик живее во некој замок. Многумина од нас замоците ги замислуваат како големи градби со високи врвови во форма на кула, со многу привлечна естетика, со секој нивен дел убаво украсен и опкружени со прекрасен дворец. Огромен дворец исполнет со безброј различни цвеќиња и секакви дрвја.

Како и да е, можеби некој дури и својата мала куќарка или, пак, запуштена колиба ја замислува и смета како замок. Прашањата се: дали секој се чувствува исто во еден таков замок, дали сите го имаат спокојството на една принцеза што живее со нејзините родители, дали секој го има тој мир како безгрижните деца на кралот и кралицата на некое царство, што се случува кога некој не се чувствува убаво во некој таков замок, бидејќи едноставно не припаѓа таму или бил присилен да престојува таму. Таков пример претставува ѕверот од бајката, која сите ја знаеме, „Убавицата и ѕверот“. За него замокот претставува затвор во кој ја нема слободата што тој навистина ја заслужува. Слично, секој од нас ја чувствува некоја просторија за таква. За некој ученик училиштето претставува затвор, а пак за некој човек можеби домот претставува кафез во кој смета дека ја нема таа потребна слобода што тој ја замислува или посакува да ја има.

Луѓето не секогаш се задоволни од тоа што го имаат, иако пак за некој друг тоа претставува нешто големо, невозможно и неостварливо. Тоа е така бидејќи човекот е ненаситен и многу често цели кон нешто поголемо и подобро. Така, некој не е задоволен од работата, факултетот или училиштето, некој е незадоволен од градот и државата во која живее, а некому пак не му се допаѓаат сопствената положба во општеството и луѓето што го опкружуваат. Така, секој сака да живее во поголема куќа или стан, но не од исти причини. Иако мојот стан има повеќе од доволен простор за нашето четиричлено семејство, доколку некој ми понуди да живеам во куќа, веднаш би го направила тоа. Не би размислувала многу долго на таа понуда, од причина што јас отсекогаш сум сакала да живеам во куќа само поради можноста да имам двор, веднаш штом излезам од неа. Подоцна истиот двор да го украсам со секакви цвеќиња и високи дрвја, како еден голем љубител на растенијата. А низ неговата светлозелена трева безгрижно и еуфорично да трчаат моите три кучиња Лео, Клои и Луи. Во делот од дворот што се наоѓа зад куќата да ја одгледувам мојата мала градина со многу видови овошје и зеленчук. А пак, на влезот да биде поставена малата фонтана, низ која полека тече водата со смирувачки звук.

Поминуваат деновите на четирите годишни времиња, а моето време поминато на тоа место е неописливо. Среќата, радоста и смеата преовладуваат, а тагата и караниците се многу ретки, скоро како и да не постојат. Токму овде јас ја чувствувам слободата што ја сакам. Иако кога сум во дворот се наоѓам меѓу нејзините огради, а кога сум во внатрешноста на куќата се наоѓам меѓу четирите ѕида, јас не се осеќам како заробена. Напротив, јас го имам истото чувство што го доживувам додека патувам во некоја непозната земја. Моето чувство на смиреност може да се спореди со она кога лежам на површината на едно бескрајно море, со нежно нишање предизвикано од малите бранови. Сѐ е како од приказна. Токму затоа и мојата куќа ја нарекувам замок.

Јана Мајнова