Мерата никому нема да му создаде мака

163

Луѓето меѓусебно треба да се однесуваат така што од пријателите нема да создаваат непријатели, туку непријателите ќе ги претвораат во пријатели.

Старохеленски мудрец Питагора

проф. д-р Кирил Темков


Како и на скапоценостите, така времето не им минува ни на позитивните морални идеи и поуки. Некои од нив траат со илјадници години, за денес да проблеснат во сиот свој сјај. Таква е индиската идеја за ахимса, како етичка норма за неповредување на другиот човек или воопшто на некое живо суштество – ниту во мислите, ниту со збор, ниту со дело.
Пред две и пол илјади години прочуениот филозоф и математичар Питагора даде низа етички совети, кои, искажани во форма на песна, се викаат „Златни стихови“. Како мудрец тој укажува на тоа дека човекот понекогаш постапува и зборува лудо. Затоа секој треба да размисли пред да почне да прави нешто, за да не направи глупост. Правејќи го она што треба да се прави, човекот може да го мине животот во најголема среќа.
Не треба да се запоставува телесното здравје. Тоа значи дека треба да се биде умерен во јадењето, пиењето и вежбањето. Правилото гласи: мерата никому нема да му создаде мака.
Секој треба да се навикне да живее чист, краток и доблесен живот. Исто така треба да внимава да не ја следи алчноста и со ништо да не ја поттикнува во себе.
Без потреба не треба да се трошат пари и имот, но исто така не треба ни да се биде скржав. И тука треба да се најде вистинската мера.
Секој треба да размислува за тоа што го прави. Треба да има добри планови и насоки и да се преиспитува за она што го сторил. Кога ќе измине денот, не треба да пушти сонот да се спушти врз очите – пред да направи резиме на денот што изминал и да се праша дали згрешив, што направив, што пропуштив. Притоа треба да оди по ред, од почетокот до крајот на тој ден. Ако си направил зло, вели Питагора, прекори се, ако си направил добро, радувај се! Таквиот разумен пат – со мера – секого ќе го донесе до вистинската добродетел.
Овие стари етички совети, драги млади пријатели, ви ги препорачуваме како проверен и вреден збор на еден од најмудрите луѓе на сите времиња.