Кога морето би имало нозе, Ранко со себе на училиште би го водел

35

Писателот за деца и за возрасни Трајче Кацаров, трета година едноподруго, на додатокот за деца „Колибри“ му овозможува прв, ексклузивно да ги објави неговите нови песни од серијата „Ранко на море“. Се надеваме дека и овој пат, драги деца, ќе уживате во авантурите на љубопитниот Ранко, кој откривајќи ги убавините на летото и на морето, го открива и светот околу себе и донесува умни заклучоци

МЕЃУ ДВЕ НЕБА

На брегот морски
Ранко ѕвезда најде
па, почна да мисли
како на небото
да ја искачи,
меѓу сестрите
да ја закачи.

Не мачи се
Тато му рече:
„На ѕвездите морски
дното од морето
им е небото!“

И неочекувано
меѓу две неба
Ранко се најде
па, се праша:
„Од каде ли
сонцето ќе изгрее
ако еден ден реши
на морското дно
да зајде?“

ПОДГОТВЕНО ЗА ИГРА

Штом сонцето
ќе го разбуди,
ветрот
косите морски
ќе му ги исчешла,
небото
во промена сина
ќе го спастри,
штом мирно,
исчешлано и чисто,
ќе нѐ погледне
со око бистро,
тогаш морето е
подготвено за игра

ГАЈДА

Морето за Ранко
Не е друго освен
џиновска гајда –
што понекогаш се надига
а понекогаш се спушта.
Свири само кога ветрот
во неа ќе дувне.
Луѓето со неа
можат и да си играат
само ако во гајда
научат да пливаат

ДРУГАРСТВО

Кога морето
би имало нозе
Ранко со себе
на училиште
би го водел.
Во иста клупа
би седеле.
Морето е тивко
и не е зборливо,
па учителката
Ранко нема да го кара
оти на часовите
не внимава,
со другарчето до себе
постојано разговара.

ПОДВИГ

Секоја стапка
што ножињата
на Ранко
во песокот
ја оставаат
морето со вода
ја полнат.
А штом Ранко
свесен за тоа стана
на сет глас
почна да се фали:
„По песокот жежок
бос одам
по мене морето
го водам!“

ЗАГРИЖЕНОСТ

Буден, среде ноќ,
Ранко мама ја прашува –
Дали морето спие?

Спие, му вели таа,
и во сонот
на секое дете –
ту е мирно
ту се бранува.

Ранко одговорот
го радува
и не се лути што
сонот го совладува.