Книгите се алатка за одбрана на доброто

60

Етика за млади

проф. д-р Кирил Темков

Има еден другар што никогаш не го изневерува оној што се потпира врз него. Си стои тивко настрана, молчи додека не го прашуваат, секогаш е доверлив и нуди најдобри решенија. Тој пријател од соништата е – книгата.
Книгата е измислена да биде сокровиште на знаењата. Таа е орудие за меѓусебно информирање и ја задоволува заинтересираноста за сознанијата на другите и поврзува генерации оддалечени стотици години.

Многу добрини се сместени во книгите, но и најважните нешта за нашето постоење, историја, географија, природни науки, литература, уметност…. Едноставно, луѓето ги отвораат книгите и го учат потребното, несебично споделувајќи ги најголемите човечки духовни блага. Со книгите сите сме заеднички сопственици на сите човекови достигнувања.

Притоа, книгите се најсилно средство не само на човекувањето туку и на човештината.
Книгите нудат сознанија, искуства, доживелици, пораки, убави зборови и прекрасни чувства. Сето тоа тие срдечно им го даваат на читателите, кои по средбата со нив и самите ќе ги научат сите тие работи.

Исто така книгите учат и што е зло и како може и треба тоа да се избегнува. Тие се алатка за одбрана на доброто. Тие се најсилното средство за споделување на добрините и на најважните морални сознанија и поуки.
Книгите се незаменливо средство за обука и учење, вистински учител по етика за сите луѓе на светот, особено за најмладите.


Етичка мисла

Книгите се подобри пријатели од луѓето. Само даваат, а не бараат ништо за возврат

Фрајхер фон Минхаузен, германски писател