Книгите се алатка за одбрана на доброто

53

Етика за млади

Има еден другар што никогаш не го изневерува оној што се потпира врз него. Си стои тивко на страна, молчи додека не го прашуваат, секогаш е доверлив и нуди најдобри решенија. Тој пријател од соништата е – книгата.
Книгата е измислена да биде сокровиште на знаењата. Таа е орудие за меѓусебно информирање, ја задоволува заинтересираноста за сознанијата на другите и поврзува генерации оддалечени стотици години.
Многу добрини се сместени во книгите, но и најважните нешта за нашето постоење, историја, географија, природни науки, литература, уметност… Едноставно луѓето ги отвораат книгите и го учат потребното, несебично споделувајќи ги најголемите човечки духовни богатства. Со книгите сите сме заеднички сопственици на сите човекови достигнувања.

Притоа, книгите се најсилно средство не само на човекувањето туку и на човештината.
Книгите нудат сознанија, искуства, доживелици, пораки, убави зборови и прекрасни чувства. Сето тоа тие срдечно им го даваат на читателите, кои по средбата со нив и самите ќе ги научат сите тие работи.
Исто така книгите учат и што е зло, и како може и како треба да се избегнува тоа. Тие се алатка за одбрана на доброто. Тие се најсилното средство за споделување на добрините и на најважните морални сознанија и поуки.
Книгите се незаменливо средство за обука и учење, вистински учител по етика за сите луѓе на светот, особено за најмладите.


Етичка мисла

Книгите се подобри пријатели од луѓето. Само даваат,
а не бараат ништо за возврат.

Фрајхер фон Минхаузен, германски писател