Канадскиот премиер Џастин Трудо одговори на писмо од македонски ученици

131
Се надевам дека ќе продолжите да работите напорно во училиште и да ги инспирирате другите да креираат промени, се вели во писмото на премиерот Трудо

Канадскиот премиер Џастин Трудо им напиша писмо на група македонски основци од меѓународното училиште „Нова“ во Скопје. Учениците имале дилеми околу едно од најголемите пронаоѓалишта на нафта во светот во провинцијата Алберта, кое е меѓу најголемите светски извори на нафтени шкрилци. Споредувајќи го своето истражување, за и против експлоатацијата на овие нафтени резерви, тие одлучиле да му испратат писмо и на канадскиот премиер.

– Како професор и премиер на Канада сакам да го слушнам гласот на младината од целиот свет. Го почитувам вашиот став за темата и како и вас така и нашата влада разбира дека заштитата на околината и економскиот раст одат заедно. Поради тоа, најавивме иницијативи како што е данокот за јаглероден диоксид со предвиден критериум, кој ќе ни помогне да ги достигнеме нашите цели за емисија на зелени гасови. Дополнително, ние сме дел од повелбата Г7 со која се внимава да се задржи пластиката во економијата и надвор од водите. Младината како вас не само што е лидер на иднината туку е лидер и на денешнината. Се надевам дека ќе продолжите да работите напорно во училиште и да ги инспирирате другите да креираат промени – се вели во писмото на премиерот Џастин Трудо.

Професорот Роберт ван дер Ајкер, кој го води одделението, вели дека учениците му поставиле директни прашања околу заштитата на животната средина на кои канадскиот премиер одговорил, притоа напоменувајќи дека и тој има работено како учител.

– Во нашето училиште ги поттикнуваме критичкото размислување и поставувањето прашања. Навистина беше чест и задоволство што Трудо ни даде објаснување на тоа кои се стратегијата и планот на Канада да го намали негативното влијание од нафтата и од катранскиот песок – вели професорот Ајкер.