Каде да се упатиме за грижата за менталното здравје

278

Во оваа ситуација на пандемија во која се наоѓаме, особено ни е значајна психолошката помош, бидејќи генерално се соочуваме со кризи на повеќе нивоа. Кај децата е значајна посетата на психотерапевт во ситуации каде што се зачнуваат стравовите, вели Дукоски

ОД МОЈ АГОЛ: Никола Дукоски, психолог, психотерапевт и едукатор

Грижата за менталното здравје некогаш свесно, а некогаш несвесно ја практикуваме сите преку одржување на сопствените мисли, тело и душа. Но доаѓаат моменти и ситуации во кои убаво е да се обратиме и да побараме стручна помош за грижата за себе или за грижата за нашите најмили – децата. Луѓето што завршиле соодветно образование или едукација за нудење на потребната помош или за стекнување на соодветната самопомош се психолозите, психотерапевтите и психијатрите. Не е срамота да ги мешаме овие три професии на кои основата им е иста (грижа за менталното здравје), но пристапот и намената им се различни. Затоа е значајно да ги разликуваме со тоа што ќе бидеме информирани за нив.

Која е разликата и што прават психијатарот, психологот и психотерапевтот?
Психијатријата е гранка на медицината што се занимава со менталното здравје, а психијатрите се доктори што работат во медицинските установи (или во приватни специјалистички ординации) и најчесто имаат специјализирано психијатрија. Тие пропишуваат лекови, поставуваат медицинска дијагноза, задолжени се за лекување душевно билни и пациенти што имаат различни психички нарушувања.
Психолог е личност што има завршено високо образование во областа на општествената гранка психологија. Психолозите можеме да ги сретнеме во училиштата, градинките, фирмите, клиниките, дневни центри, советувалишта. Како таква психологијата е применета наука и ја среќаваме во повеќе општествени сфери и повеќе од сигурно е дека сите ние најмалку еднаш сме биле во посета на психолог. Бидејќи психологот проценува дали е детето подготвено да го почне образовниот процес во училиште, го истражува однесувањето на одредена група луѓе или истражува одредена општествена појава.

Психотерапевтот е секое лице што завршило одредена психотерапевтска школа и работи активно индивидуална или групна терапија. Во некои држави психотерапевтот задолжително мора да има завршено студии по психологија, но кај нас психотерапевтот може да излегува и од другите хуманистички или општествени науки. Во Македонија се достапни гешталт-едукација, семејно-системска, интегративна, трансакциона, психодрама и когнитивно-бихејвиорална психотерапија. Психотерапијата е еден вид психолошки третман (специфични вештини и техники), чија главна цел е да им дадат психолошка помош на лицата што имаат некои психички тешкотии како траумата на пример, како и на лица што минуваат низ некаква животна криза, имаат различни типови емоционални проблеми, комуникациски проблеми или само сакаат да го подобрат нивното ментално здравје.

Кај децата е значајна посетата на психотерапевт во ситуации каде што се зачнуваат стравовите, кога се присутни ноќно мокрење, тешкотии со несоница или сонови, опсесивните мисли, трауми и во тие ситуации психотерапевтот е оној што може да помогне. Сепак психотерапијата е процес и не очекувајте дека веднаш по првата средба проблемот ќе исчезне. Она што е особено битно,, е да се биде трпелив и континуирано да се работи на себе.

Така, во оваа ситуација на пандемија во која се наоѓаме, особено ни е значајна психолошката помош, бидејќи генерално се соочуваме со кризи на повеќе нивоа, од финансиска, здравствена до криза на менталното здравје. Самото времетраење на пандемијата ги ослабува нашите капацитети за справување, па, така, психотерапијата може да биде добар начин за помош и за поддршка во овие моменти. Таа помош бесплатно можете да ја добиете на телефонските броеви објавени на страницата на Гешталт-институтот – Скопје и да закажете бесплатна средба на еден од дежурните броеви.