И весник се роди со оловен жиг

109
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Десет интересни факти за Горно Врановци

Драги деца, на денешен ден пред 75 години во партизанската печатница во селото Горно Врановци, Велешко, е отпечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“. Овој датум е од голема важност за историјата на нашата држава, бидејќи на страниците на нашето гласило се забележани сите најважни историски случувања, првпат е објавена азбуката на македонскиот јазик, „Нова Македонија“ е прв и главен иницијатор за формирање на МАНУ, а со сите овие години постоење е и ненадмината школа во македонското новинарство.
Во денешниот број на „Колибри“ ќе ве запознаеме со 10 интересни факти за Горно Врановци – селото-музеј, од каде што почна приказната за „Нова Македонија“.

1 Горно Врановци е село на околу 30 километри од Велес, во општината Чашка. Се наоѓа на 700 метри надморска височина и во него живеат околу 300 жители во четириесетина куќи. Поголемиот дел се Албанци, а има и неколку куќи на Македонци муслимани, кои се староседелци. До 1955 година Горно Врановци било едно од најголемите села во некогашна Југославија, со повеќе од 30.000 жители и над 4.000 куќи, но по големата преселба на Македонците муслимани во Измир, Турција, тоа нагло се празни. Во последно време некои од нив се враќаат во селото и градат нови куќи.

На 29 октомври, взори, партизаните ги држеле во рака првите примероци на „Нова Македонија“

2 Селото има голем потенцијал за развој на планинскиот, рекреативниот, ловниот, хербалниот и здравствениот туризам. Дотука се доаѓа исклучиво со сопствен превоз, од Велес по стариот пат за Прилеп. Најголемиот дел е асфалтиран, но со големи оштетувања, иако во последно време работите повторно се во ек.

3 Поради природните убавини со кои изобилува Горно Врановци, овде голем број жители на Велес и други градови во Македонија имаат изградено викенд-куќи. До скоро беше отворен и хотелот „Врановци“, кој располагаше со 160 легла, кој беше доста посетен, но поради нерасчистени имотноправни односи веќе неколку години е затворен.

4 „Нова Македонија“ никогаш не го заборава Горно Врановци. Секоја година на 29 октомври вработените се дел од традиционалната новинарска тура, со која се посетуваат овие значајни спомен-места, а се организира и заедничка дружба. Генерации студенти по новинарство на универзитетот „Кирил и Методиј“ и од Македонскиот институт за медиуми, како и средношколци и основци од целата земја, исто така го посетуваат селото. Доаѓаат и историчари, кои држат час за младите генерации, а тука е снимен и документарниот филм за јубилејот – 70 години „Нова Македонија“.

5 Новинари на „Нова Македонија“, три години, следејќи ги планинските врвици одеа по патеката по која била пренесена, дел по дел, печатарската машина „бостонка“, тешка еден тон, на неа, со одлука на Президиумот на АСНОМ, на 29 октомври 1944 година, во Горно Врановци, бил отпечатен првиот број на „Нова Македонија“, орган на Народноослободителниот фронт на Македонија. Благој Шошолчев во 1944 година бил организатор за пренесувањето на машините и материјалот за печатницата. На 29 октомври, в зори, партизаните тргнале на терен со првите пакети со весникот.

6 На слободната територија во Горно Врановци, есента 1944 г. била сместена тогашната македонска влада. Оттука се воделе сите завршни операции за конечно ослободување на земјата и биле донесени повеќе важни закони, подоцна реализирани во слободна Македонија. Тука бил Президиумот на АСНОМ, централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија, Главниот штаб на НОБ и разузнавачите на ОЗНА.

7 Ова село има пет куќи-музеи и објектите се во одлична состојба. Единствено спомен-куќата на ОЗНА, која е сѐ уште во сопственост на МВР, е со разурната влезна врата, а на фасадата се забележуваат оштетувања. Во музеите можат да се видат копии од многубројни документи и фотографии од есента 1944 година.

8 Васка Илиева испеа песна за Горно Врановци и за неговите жители иселени по светот. Таа е автор на музиката и на текстот, а аранжманот е на Зоран Марковски. Песната почнува со овие стихови: „Таму далеку, во Велешко, во Велешко – Горно Врановци, таму кај Вардар тесно си тече, таму е нашата земја родена, таму е нашата Македонија…“

9 Населението се занимава и со овчарство и со живинарство, а некои семејства собираат и печурки за откуп. Местото изобилува со малини и капини, а тука може да се сретне и ендемичното дрво костен. Од земјоделските производи овде добро вирее компир. Во селото има и струја и вода. Населението е срдечно и пријателски настроено кон сите добронамерници.

Екипа на „Нова Македонија“ по партизанските врвици Фото: Дарко Андоновски

10 Во училиштето „Лирија“ (слобода) во Горно Врановци учат четириесетина деца, од 2012 г. во нова зграда, каде што, за разлика од претходно, условите се одлични. Има и две соби за учителите од другите градови. Објектот е изграден со поддршка на Министерството за образование и со средства на општината Чашка. Тука во две училници учат деца од прво до петто одделение, а потоа основното образование го завршуваат во централното училиште во селото Јаболчишта. Наставата се одвива на албански, а децата имаат по два часа македонски неделно, во четврто и во петто одделение. На часовите по историја учениците ги посетуваат музеите во селото, каде што учителите им раскажуваат што се случувало на ослободената територија во 1944 година.
„Колибри“ е голем пријател со учениците од ова подрачно училиште, на чии ѕидови се залепени текстовите што излегле за нив на нашите страници.

„Колибри“ на гости во Горно Врановци    Фото: Горан Анастасовски

Химна за „Нова Македонија“

Пред многаја лета, во земјава света
Во Врановци Горно и во време морно
печатница се стори и азбука в миг
и весник се роди со оловен жиг.

А потем колумна и фељтон и вест
„Скопска“, „култура“ и „спортска“ за чест
„Колибри“ и ЛИК на страници шест
критика ил фалба, новинарски текст.

Денес сме и ние современ свет
побрзи од молња, Фесјбук и интернет
букет од вести, демократски цвет.
Со тебе од младост, до животен век.

Први сме ние, новинарски дар
читателу со нас – биди новинар.
Кога ќе нѐ купиш ти си како цар
џебот ти е полн, а ние сме без ќар.

Рефрен:

„Нова Македонија“, „Нова Македонија“
ја чека, ја чита цела нација
„Нова Македонија“, „Нова Македонија“
се помни и ечи како симфонија.

Венко Андоновски