Испраќајте творби за изложбата „Флора и фауна извор на живот и убавина 2020“

125

Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија, како генерален покровител, и Детскиот ликовен центар – Здружение на ликовните педагози од Скопје, како организатор, ги покануваат сите заинтересирани за учество на традиционалната 14-та меѓународна ликовна изложба за деца и младинци „Флора и фауна извор на живот и убавина 2020“.
„Почитувани, драги деца, ученици, студенти и ментори, наставници, професори, ве покануваме да учествувате со ликовни творби по ликовно образование – уметност на теми од заштитата на животната средина и природата. Поттемата овој пат е ’Човекот и природа’. Испратете творби со позитивни или негативни примери од вашата непосредна околина, животната средина и природата. Творбите да не бидат врамени и не поголеми од 50 х 70 сантиметри. Краен рок за прием на творбите е 5 ноември“, се вели во креативниот повик.

Право на учество имаат категории на возраст од 4 до 24 години: деца од предучилишни установи, ученици од основни и од средни училишта, уметнички стручни училишта, заинтересирани студенти од уметничките и од другите факултети од земјата и од странство. Право на учество со творби: најмногу до 35 од установа преку менторите; најмногу до две творби – индивидуално учество на еден учесник (по потреба со помош и на родителите), прием на делата по пошта.
Адреса: Детски ликовен центар – Скопје, пошт. фах: 75, пошта 1020 – Карпош 3, Скопје; со задолжително носење маски може да ги доставите творбите во Ликовниот центар, на првиот кат, на означеното место, како и на приземјето во холот (библиотека „Другарче“) на ул. Никола Русински бр. 1, Карпош 3 – Скопје. Дополнителни информации со можност и за најавување на учеството
на тел. 389 (0)76 987024, контакт-мејл: [email protected]