Искрените роденденски желби се поважни од подароците

65

проф. д-р Кирил Темков

Порано кај нас не се славеа родендени, туку имендени. Но сега речиси сите го прифативме убавиот обичај на потсетување на денот на раѓањето.
Околу одбележувањето на роденденот има два вида однесување. Едното е на оној чиј е роденденот, другото на неговите блиски.

Славеникот треба да се подготвува за тој ден, со насмевка да ги прима честитките. Може да се надева дека неговите родители ќе му купат подароци, но пред тоа треба да биде добар и да постигнува добри резултати на училиште, добро да се однесува со другарите и со најблиските.

Исто така може дискретно да ги потсети баба си и дедо си на пример, или вујко си, мама и тато што би сакал да добие за својот роденден.
Од другарите не треба да очекува големи подароци, доволни се нивните убави желби за успех во школувањето или во животот, за среќно детство.

Доколку е во можност, славеникот треба да ги почести другарите и блиските кај него дома или во некоја игротека или кафуле, како што е сега популарно, нагласувајќи дека не треба многу да се трошат, бидејќи голем број семејства во денешно време едвај врзуваат крај со крај.

А гостите што се поканети, со искрени желби треба да му посакаат среќен роденден. Може да се договорат и за некое интересно изненадување за славеникот, на пример групно извикување убава честитка, заедничко гласно пеење роденденска или некоја друга песна, шегување, насмевки „влечење“ за ушите… Подарокот што ќе се донесе не треба да биде скап. Понекогаш е поубаво да се подари нешто поевтино ама корисно, што ќе остане во сеќавање. А може подарокот да биде и креативен, ракотворба, нацртана слика, украсен предмет…

Етичко правило е: ако некој нема пари за подарок, доволна е и убавата и искрена желба и честитка. Добрите другари може заедно да соберат, колку кој може да даде и да купат нешто во име на сите.

Има многу интересни идеи како може убаво да се одбележи роденден и тој да им остане во сеќавање на сите што биле дел од прославата, како спомен на искрено другарство, топло меѓусебно однесување и грижа.


Етичка мисла:
Не прави ги добрите дела јавно, туку скриено, зашто благодарноста не сака себеси да се фали.

Термези, персиски поет