Изложба на дела од Младинска керамичка работилница во Кичево

25

На изложба што се одржа во петокот во Центарот за култура во Кичево беа претставени делата изработени за време на годинешната, петта Младинска керамичка работилница, која традиционално се одржува во најгрнчарското село во земјава, врутокот на овој прастар занает, селото Вранештица.

Во разговорот со дел од учесничките, Марија Богеска,Михаела Стефаноска, Ангела Трајаноска и Зорица Сајкоска, ученички од втора година во ОСУ „Мирко Милески“, тие ни објаснија што ги привлекло да бидат дел од овој настан.

– Со задоволство прифативме во јуни да учествуваме на колонијата и за време на четирите дена, колку што траеше, најмногу се дружиме со глината и со грнчарското тркало. И покрај сознанието дека работата со глината е тешка и типично машка работа, сепак во ниеден момент не помисливме дека сме згрешиле што сме дел од оваа работилница. Иако ова е наше прво учество, уште вториот ден седнавме на грнчарското тркало и самите создаваме форми од глина, според нашата имагинација, кои, како што гледате, сега се дел од оваа богата изложба – ни рекоа ученичките од Општинското средно училиште од Кичево.

Тие најавија дека ова нема да биде последно нивно учество на оваа работилница.
– Посакуваме да бидеме дел и од шестата керамичка работилница и, со искуството што годинава го стекнавме, уште повеќе да навлеземе во тајните на овој прастар занает – велат гимназијалките од Кичево.