Избрани најдобрите просветни работници за учебната 2019/2020 година

139

Наставниците Штефица Ујчиќ од гимназијата „Гоце Делчев“ – Куманово, Добри Јовевски од ОУ „Илинден“ од Крива Паланка, Марјан Радевски, професор по географија во „Ванчо Питошески“ од Охрид, и Маринела Бошева, педагог во градинката „Детска радост“ во општината Гази Баба од Скопје, се добитниците на наградите за најдобри просветни работници за учебната 2019/2020 година, кои минатата недела ги додели Сојузот на просветните работници на Македонија.
– Со оваа награда сакаме да ѝ го привлечеме вниманието на јавноста дека ние имаме силно влијание во кој правец општеството треба да се одвива и се обидуваме да дадеме максимален придонес. Денес, справувајќи се со пандемијата, се исправаме со ентузијазам и непокор да чекориме во иднината, да ги воведеме младите генерации да стекнат одредени вештини, прво да го заштитуваат сопственото здравје – рече Лидија Неделковска-Георгиевска, претседателка на Сојузот.
Штефица Ујчиќ, во името на добитниците, посочи дека местото на наставниците во општеството треба да се надградува.
– Во овој момент, преземајќи ги децата од три години до 18 години, знаеме дека треба да внимаваме и треба да им помогнеме. Ние сме тивките воини за иднината на нашите деца – рече Ујчиќ.
Министерството за образование и наука го поддржа доделувањето на наградите.
– Наставниците ја почнаа учебната 2019/2020 година во нормални услови, но во второто полугодие требаше да се приспособат и да ја завршат онлајн. Навистина е важно да се испочитуваат наставниците. Многу е важно наставникот да има централна позиција и учениците да бидат мотивирани, а добрите наставници успеваат да ги инспирираат – рече министерката за образование и наука Мила Царовска на доделувањето на наградите.