Златните славејчиња се подготвени да запеат по 49-ти пат!

23
Годинашниот водител Марко Новески

Четириесет и деветтото издание на фестивалот на детска песна „Златно славејче“ ќе се одржи на 22, 23 и 24 ноември, во салата на Македонската филхармонија во Скопје.
Ќе има по три претстави дневно, во 11, 13 и 17 часот, а ќе слушнеме 14 нови песнички, напишани од познати македонски композитори и поети за деца. Бидејќи фестивалот соработува со многу манифестации во регионот, ќе настапат и гостите од Албанија, Романија, Србија, Хрватска и од Бугарија.

Годинава водител ќе биде Марко Новески, на радост на младата публика ќе има и магионичарски трикови, во изведба на илузионистот Кристијан Шопов, а организаторите од Сојузот за грижи и воспитување деца на градот Скопје, ветуваат и други изненадувања. И визуелниот дел ќе биде сличен на минатогодишниот, со ЛЕД-екрани и разни, интересни видеоанимации.

– Хорот „Златно славејче“, во кој членуваат 90 деца, заедно со солистите ќе ги испее детските песнички на задоволство на скопјанчињата, но и на децата од целата земја, кои се надеваме, како и секоја година, ќе дојдат да го проследат годинашното издание. Хористите се подготвуваа под водство на диригентката Катерина Баталакова, а за кореографијата беше задолжена Виолета Бајрам. Инаку, веќе се печатат цедињата со новите песни, кои ќе можат да се набават во текот на трите фестивалски денови – ни рече првиот човек на фестивалот Бобан Јосифовски.

Тој дополни дека веднаш по завршувањето на фестивалот ќе почнат подготовките за јубилејниот педесетто „Златно славејче 2020“. Фестивалот ќе се снима и одложено ќе се емитува на една од националните телевизии.