За креативноста не треба да има граници

190

За да бидете успешен наставник, важно е дауживате во својата работа, вели Велковска

ОД МОЈ АГОЛ:Анета Велкоска, одделенска наставничка во ООУ „Браќа Миладиновци“, во скопската општина Аеродром

Оформувањето на една младата личност во современите и динамични услови бара современ, квалитетен и модерен наставник. Тој во воспитно-образовниот процес претставува активен субјект и креатор на сите едукативни текови и современи тенденции за успешно вклучување во воспитно-образовниот процес. Покрај тоа што наставникот ќе биде креативен и посветен, треба да биде инспиративен и да им помогне на учениците преку личен пример да ја откријат, прифатат и да ја јакнат нивната креативна страна.
За креативноста во наставата не треба да има граници. Вложувањето во креативните способности и вештини е многу значајно за правилниот развој на учениците. Секогаш ги мотивирам учениците креативно да размислуваат и ги стимулирам креативно да се изразуваат на сите наставни часови. Во моето долгогодишно работење имам широк спектар на креативни часови, кои не запираат. Постојано ја надградувам мојата професионалност во работењето преку креативен пристап при планирање, организирање и реализирање на активностите во текот на наставата.

Мотивацијата е мој составен дел во креирањето на иновативноста, а таа може да се согледа преку задоволството од она што го вложувам, добиените резултати и позитивните постигнувања на учениците. За да се дојде до креативноста се потребни два предуслова: психолошка сигурност и слобода. Тоа го постигнувам на тој начин што на учениците им давам доволно време за изразување, создавам пријатна атмосфера за работа, ги поттикнувам и ги охрабрувам во нивната меѓусебна комуникација, ги јакнам нивната самодоверба, меѓусебната соработка, размената на идеи и искуства меѓу нив и јас како наставник без разлика на нашата релација.
И во текот на онлајн учењето со моите првоодделенци реализиравме интересни, креативни часови, работилници и активности, кои ќе ги помнат долго време.

Би ја издвоила „Априлијада“, која ја реализиравме на Зум, на која учениците презентираат интересни и уникатни креации. Потоа следуваше работилница за нашите чувства, емоции, работилница за здрава храна со приготвување креативни оброци од здрави продукти, „Талент шоу“ каде што се откриваа најразлични таленти кај учениците за кои дознавме токму на онлајн часот, „Очила на иднината“ – или како го замислуваат животот во блиска иднина, „Покажи што знаеш“, „Златен глас со изведување песни по избор“, „Цртеж за наставничката“, креативни ликовни работилници. Нивните уникатни ремек-дела беа објавувани и во електронска форма. Ова се дел од часовите во услови на онлајн учење. Има уште многу други интересни примери на реализирани часови и на секој од нив имаме различна приказна во нашето волшебно царство – училницата. Постојано ја збогатуваме со креативни изработки и навистина ни е шарено и убаво.

Тука се вклучени и нашите родители, кои и за време на учењето од далечина беа со натпреварувачки дух во соработката со своите деца и создаваа уникатни, креативни дела на кои се воодушевував, бев среќна и исполнета бидејќи сум ја постигнала целта. Дури и сега, за време на летниот распуст добивав коментари од родителите дека на нивните деца им се всадила креативноста и нивното слободно време го поминуваат со креативно изразување, иако се на почетокот од своето образование, но и тоа дека онлајн часовите биле вистинско уживање и за нив – родителите. Тоа е поттик и стимул уште повеќе да се надградуваме и да ги развиваме своите вештини, потенцијали, позитивна енергија и чувството на исполнетост и среќа од својата работа.

На крајот би порачала: „Сакајте ја својата работа. Кога ќе почувствувате дека сте се замориле дозволете си сами на себе кратка пауза, прашајте се зошто е така, а потоа полни со елан продолжете да работите. За да бидете успешен наставник, важно е да уживате во својата работа“.