За еден Душан и за долнодупенските пчели

67
Илустрација: Игор Јовчевски

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот:
Д!!! Д… За Д ќе кажам вака: Д е добар човек дојден од некаде. Еден мој пријател ми вели: Дојди да се договориме и договорот да го почитуваме. А, нашиот договор нека гласи вака: Јас ќе ви дадам приказна, а вие мене добрина. Договорено?! Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Д да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.

Приказнава е стокмена за еден Душан што го викале и Душан добриот. Е, тој Душан живеел во едно село во Долна Преспа што го викаат Долно Дупени. Некои го викале и душа човек, а во Долно Маало го викале и Душан дерикожа. Ама, не дека бил лош човек, туку знаел да дере кожи од овци, од волови и од диви свињи ако отепале дупенци кога оделе на лов. Не, за услугата не им земал пари, туку по една задна нога, колку да си го омрси мустакот. Е, Дуле, Дуле… Не било само дерењето кожи, бил познат и по многу други чудни и необични нешта. Замислете, лично ги познавал и бил голем пријател со сите долнодупенски матици. Знаете што се матици?… Ако не знаете ќе ви кажам. Тие се главни кај пчелите. Околу нив се собира целото семејство. Тој што ми ја раскажуваше приказната, знаете што ми рече?!… Ми вели, светот е создаден од чуда, ама вакво чудо можело да се случи само во Долно Дупени. Душко дерикожа, Душко душа човек, знаел да разговара со пчелите. Ами, ќе се наместел до кошницата во која живеат пчелите, ќе скршел некој збор со работничките пчели, малку ќе поразговарал со трутовите и на крајот со матицата.

Пријателке матице, како си денеска? Арна си? Те слушаат пчелите?
Благодарам, добра сум. Пчелите ме слушаат, фала богу цветови има, еве и денот ни се погоди.
Сакаш да те прошетам малку?
Сакам, ама по мене ќе дојдат и пчелите, ќе треба сите да нѐ носиш.
Ајде, не ми е првпат.
И, така, матицата му застанувала на чело на Душко, по неа и пчелите се ределе, почнувале да му слетуваат де на чело, де околу устата, де околу очите… За десетина минути, Душан од Долно Дупени личел на голема тиква на која ѝ играат очите, тиква со нос, со уши и со уста. Тиква со нозе и со раце, која се движи и која ги плаши луѓето. Не, никој не се доближувал до Душка добра душа. Се плашеле да не ги каснат пчелите и бегале од него како од оган. А, Душко, драги мои, уживал. По некое време, ќе се доближел до некоја празна кошница плетена од врбови прачки…
– Повелете, влезете… Не плашете се, ова е вашиот нов дом… Чекајте, првин матицата, оп, оп, трутовите, сега вие, работничките…
И, така, Душан, Дуле, Душко, како сакате викајте го, ги роел пчелите и за таа услуга не им земал пари. Договорот бил направен еднаш засекогаш и во една реченица. Тогаш договорите се правеле во една реченица. Знаете што пишувало во договорот? Пишувало… Кога и да дојдам ќе си земам мед колку што ми треба.

Тука приказнарот ја завршува приказната, но јас дознав нешто друго, ми кажа еден пријател долнодупенец. Ми вели, денес во Долно Дупени нема пчели. Од отровите со кои дупенци ги прскаат јаболката, некои умреа, поумните избегаа. Го нема дупенскиот мед од кој растеа децата, со кој се лекуваа старите и на кој се насладуваа сите оние што знаеја да се разбираат со пчелите. Приказната за Душка и за пчелите можеби ви е чудна, можеби не е многу за верување, но јас повторно ќе ви речам: Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!

За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Д ги отклучуваме: Душан, Долно Дупени, душа, дерикожа, договор, Долна Преспа, Дуле, Душко, дава, добрина, добар, дојди, десетина, движи, доближува, дом…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.