За Глигора, грнчарот од Ресен, и за глинениот гулаб

191
Илустрација: Игор Јовчевски

ЗА СЕКОЈА БУКВА ПРИКАЗНА: Г

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот:
Г!!! Г… Е, вака сега… Г може да биде гитарата на еден Гоце. Може да биде… угоре високо, удолу длабоко. Да речеме… Г може да биде и голманот на нашата фудбалска репрезентација. Ако ви кажам дека Г може да биде и гулаб, што мислите, што ќе се случи?!… Ништо, ќе се случи уште една приказна. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Г да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.

Приказнава е стокмена за Глигора грнчарот од Ресен и почнува вака: Некогаш во Ресен си живеел некојси Глигор. Бил познат грнчар, та ресенци го викале само грнчарот. Ти треба Глигор, не треба да знаеш како го викаат, доволно е да речеш: ми треба грнчарот. Живеел до пазарот ресенски, во една малечка куќичка со работилница во која од глина изработувал бардиња. Секакви. И помали и поголеми, и со свирче и без свирче. Во саботите ресенки ќе му подвикнеле…

– Глигоре, ќе дојдеш на пазар, ни требаат бардиња!

– Саботите биле пазарни денови, та грнчарот со бардињата доаѓал на пазар и ги продавал. Сите купувале од неговите бардиња. Знаете зошто?!… Глигор знаел… – Луѓе, водата во моите бардиња најладна им е на орачите. Само во моите бардиња водата зрее под сенките на дрвјата.

Орачите знаеле дека Глигор грнчарот не лаже, знаеле дека водата во неговите бардиња најбрзо зрее и затоа бардињата секогаш ги држеле под сенката на некое дрво. Жените ги сакале бардињата зашто биле шарени и со свирчиња и затоа во нив полнеле вода на чешма. Децата, пак, купувале од помалите бардиња со свирче, ги полнеле со вода и по цел ден свиреле по улиците ресенски.

Арно ама, на Глигор му здодеало да прави само бардиња и еден долг, летен ден, кога сонцето удирало в теме, решил времето да го потроши на нешто друго…
– Сакам да направам нешто друго, нешто необично, нешто што…
Ја зел глината в раце, почнал да ја гмечи, да ја врти, да ја тутка и, кога, фигурата што ја направил му заличила на гулаб. Толку многу се израдувал, та почнал да размислува за еден убав глинен гулаб.

– Ќе го стокмам убаво, ќе го исушам, ќе го испечам и ќе го ставам во дворот на оној камен, онде, под крушата. Секој ден ќе си го гледам низ прозорецот и ќе уживам.
Како што рекол, така и направил. Гулабот бил толку убав и вистински, та сите ресенци, сите долнопреспанци и горнопреспанци го имале видено. Се раскажува дека некој млад трговец давал големи пари, неброени пари за да го купи, ама Глигор…
– Види, млад господине, гулабот не е за продавање, тој е само за гледање. Извини вака, ама нема пари со кои може да се купи овој гулаб.
Луѓето, како луѓе… Некој ќе речел вака, некој така, го терале да направи и други гулаби, ама тој си продолжил со бардињата.
И така со години.

Луѓето му се восхитувале на Глигора грнчарот од Ресен, глинениот гулаб си седел во дворот, бардињата продолжиле да ја зреат водата под сенките. За големо чудо, гулабот еден ден летнал. Којзнае, можеби и не летнал, ама го снемало. Летнал не летнал, Глигор грнчарот плачел по него три дена и три ноќи. Ќе плачел уште, но четвртото утро на неговиот прозорец слетал вистински гулаб. Ист, дури и поубав од глинениот.

Тропал гулабот со клунот по стаклото и, так, се отворил прозорецот. Се отворил што се отворил прозорецот, но Глигор грнчарот како да пропаднал в земја – го снемало! Ајде кога почнале ресенци да плачат, да го бараат и под дрво и под камен…
По една година Глигор грнчарот се појавил во ресенската црква, со кум и кума, со девер и деверица и со една многу убава невеста, која на сите им заличила на убава гулабица. Што станало и како станало никој не дознал. Се знае само дека во дворот на грнчарот Глигор од Ресен трчале три гулапчиња, две машки и едно женско. Ми верувате?! Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!

За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Г ги отклучуваме: Глигор, грнчар, гулаб, гулабица, гулапчиња, гитара, Гоце, глина, голман, глинен, главчиња, гледа, година…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.

Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.

Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.