Е-едукација за децата од градинките во Карпош

309

ИНИЦИЈАТИВИ

Предучилишните установи од Општина Карпош во Скопје почнаа со приспособена онлајн-едукација за децата. Градинките „Орце Николов“, „Мајски цвет“, „Распеана младост“ и „Пролет“ прикачуваат едукативно-рекреативни содржини за децата од две до шест години.
Содржините може да ги отвораат родителите на децата, кои лесно може да се гледаат во домашни услови. Некои од содржините се прикачени на платформата Гугл драјв, но и на веб-страниците на градинките.
Примарната цел на локалната самоуправа е да им се понудат едукативни содржини на најмладите во периодот додека седат дома и не посетуваат предучилишно образование, како резултат на епидемијата на коронавирусот.

Воспитниот кадар на градинките од Карпош, исто така, е дел и од едукативната телевизиска програма што се емитува на националниот радиодифузен сервис, а е наменета за децата што посетуваат градинка.
Инаку, во десетте основни училишта во Карпош веќе една недела се применува е-настава, во деветтите одделенија, но и во пониските класови.
Од Општина Карпош ги повикуваат учениците, наставниот и воспитниот кадар да се придржуваат до насоките за настава по електронски пат и одговорно да ги исполнуваат задачите.