Езерските убавини украсени со рими

105

Охрид

Ова лето Кирче
во Охрид ќе оди,
ќе игра, ќе плива
во езерски води.

Ќе се качи горе
на Калето старо,
кај што била војската
на Самуил царот.

Ќе гледа манастири
со вековно име,
на светите браќа
на Наум и Климент…

Летото ќе мине
крај езеро чисто,
спомен за Прличев,
за Узунов Христо…


Дојди во Дојран

Драго мое другарче
летото те вика,
во Дојран на плажа –
најубава слика.

Олеандри мирисни,
на цвет бубамара,
рибари во кајчиња –
рипчиња на скара.

Ќе слушнеш и приказна
за Дојрана мома,
па весел и радосен
ќе се вратиш дома.


Лето во Претор

Еве ја Преспа
насмеано лето,
детски игри, песни,
Отешево, Претор…

На Преспанско Езеро
многу деца одат,
на чистиот воздух
и бистрата вода.

Штом ќе мине летото
и ќе дојде есен.
на црвени јаболка
одиме во Ресен.


За авторот

Истакнатиот поет за деца Наум Попески е автор на околу 20 книги за најмладите читатели, како и на првиот бонтон за деца во земјава. Целиот работен век тој го мина како новинар во весникот „Нова Македонија“, каде што беше и уредник на печатениот додаток за деца „Колибри“, на чии страници, еве, и денес можат да се прочитаат неговите песни.
Попески е застапуван во сите читанки по македонски јазик за основно образование, преведуван е на повеќе балкански јазици, застапуван е во повеќе антологии на поезијата за деца, а бил и учесник на многу меѓународни литературни манифестации за деца во земјава и во регионот. Тој е член и на Здружението на новинарите и на Друштвото на писателите на Македонија.