Едуцира и ја поттикнува креативноста кај учениците

539

Филип Димкоски

Бидејќи е магистер по драматургија, освен англиски јазик, Шлакески на учениците им предава и драмска уметност. Освен тоа, пишува драмски текстови што се нагардувани и изведувани дома и во странство

Прилепчани најмногу го знаат Маринко Шлакески како професор по англиски јазик во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, но тој прави уште многу нешта што учат и поттикнуваат креативност и уметнички израз, не само кај неговите ученици туку и кај љубителите на драмската уметност низ цела Европа и пошироко.

Тој е магистер по драматургија, па, освен англиски, на учениците што избрале јазично-уметничко подрачје под Б им предава и драмска уметност. Освен тоа, пишува драмски текстови, кои се нагардувани и изведувани на неколку места во светот.
Повод за оваа средба ни беше неодамнешната специјална награда добиена во Грција, за монодрамата „Три писма“, напишана и режирана од Маринко Шлакески, а одиграна од ученичката Леона Митревска.

– Со монодрамата „Три писма“, изведена на англиски од ученичката Леона Митревска од четврта година, на меѓународниот театарски фестивал во Дион во Грција, добивме признанија и специјална награда за драмско остварување. Се јавувам како автор и режисер на ова психолошко драмско парче, каде што Леона навистина даде максимум во изведбата. Се радуваме на овој успех како и на сите претходни и идни, затоа што ги постигнуваме со скромни средства и во скромни услови, но со многу љубов – ни рече професорот Шлакески, непосредно по враќањето од фестивалот во Дион.

Лабораторија за идните вљубеници во театарот

Ѕирнавме и во театарската лабораторија на овој специфичен и креативен автор и професор. Местото каде што се одржуваат пробите и подготовките за претставите што постигнуваат големи успеси е всушност една училница во прилепската гимназија „Мирче Ацев“, каде што се наоѓа импровизирана сцена, за учениците-актери да имаат можност да се чувствуваат како на вистинска сцена и да изградат однос кон неа и добро да се подготват. Од таа училница, обвиена со црни хамери, кои „глумат“ театарска завеса и паркетот што „глуми“ штици што живот значат, со импровизирани рефлектори и со минималистичка сценографија, се калат и излегуваат нови надежни актери, кои со претставите на нивниот професор го почнуваат својот уметнички пат… Го замоливме професорот Шлакески да ни раскаже за некои од големите успеси во последниве неколку години.

– Во мај 2018 преставата „Линија“ (La Linea) беше изведена во „ИТЦ театро“ во Болоња, Италија, на меѓународниот фестивал „Тетаро дел Аргине 2018“ (Teatro dell’Argine 2018), каде што имавме статус на специјални гости, а потоа пиесата ја изведовме и на домашна сцена во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Оваа претстава, чиј автор и режисер сум јас, актери се ученици од нашата гимназија, ја изведовме и во народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на италијански јазик пред гостите од културното аташе на Италија во Македонија – со гордост ни зборуваше нашиот соговорник.

Учениците од прилепската гимназија, со творештвото на професорот најдобро се запознаа преку монодрамата „Лора“. По иницијатива на професорката по македонски јазик Ленка Јованоска, оваа монодрама беше изборна лектира за средношколците од трета година, а авторот беше гостин на сите часови за обработка на лектирата.
– „Лора“ доживеа големи успеси и многу пошироко од училишните клупи. На грчки јазик беше изведена од ученичката Марија Митреска на меѓународниот театарски фестивал во Дион, Грција, во 2017 година, каде што се закитивме со признанија и награда за драмско остварување на авторот. Марија Митреска оваа претстава на француски јазик ја изведе и во Стара Загора, Бугарија, на меѓународниот фестивал за драми и ја доби ексклузивната награда од градот Стара Загора за најдобра улога. Монодрамата беше изведена во драмскиот театар „Гео Милев“, еден од најстарите театри во Бугарија – ни раскажа професорот Маринко.

„Лора“ доживеа и професионална театарска изведба на македонски јазик од актерката Даниела Иваноска, актерка од прилепскиот театар, а повторно во режија на професор Шлакески. Нешто што претходеше на сиот успех на оваа монодрама е тоа што „Лора“ како драмски текст беше селектиран учесник на фестивал на драмски текстови во Менхетн, Њујорк, САД.

Музичка драма „Нотр дам од Париз“

На особено задоволство на сите вклучени ученици како учесници, професорот Шлакески во 2017 година направи драматизација, режија, сценарио и сценографија на музичката драма „Нотр дам од Париз“, по мотиви од романот на Виктор Иго. Беа вклучени повеќе ученици од гимназијата, како актери, вокалисти и танчари. Оваа драма беше прикажана во народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и во Македонскиот народен театар во Скопје пред дипломати и амбасадори од Сенегал, Романија, Франција, по повод меѓународната конференција на франкофонијата што се одржуваше во Македонија.

– Им се заблагодарувам на моите ученици што посветено работат, учат и ме следат, на соработниците и на сите што на некој начин ми даваат поттик за работа и, секако, му се заблагодарувам на директорот на гимназијата „Мирче Ацев“, Диме Настески, кој секогаш излегува во пресрет на нашите зафати во рамките на можностите на гимназијата – посочи Шлакески.

На професорот му посакуваме многу успеси, со желба да ни бидат повод за повторна средба и нивно медиумско претставување.

Сцена од претставата „Лора“