Единствен услов за успешен наставник е љубовта кон професијата

1786

Да се биде прогласен за наставник на годината за мене претставува огромна чест, а наедно и признание за изминатите 17 години вложен труд и работа со учениците, вели Љупка Стојменова, една од шесте наградени просветни работници на Македонија за 2017/2018 година. Таа е наставничка по македонски јазик во ОУ „Никола Карев“ во Кочани и, како што вели, особено ѝ е драго што се вреднуваат нејзините добиени награди и признанија како на локално, така и на државно и на меѓународно ниво. Стојменова посочува дека за неа главен мотив за работа и за креирање се нејзините ученици и соработката со нив.

– Секогаш мотив за работа ми се самите ученици и секоја нова генерација за мене претставува предизвик, особено кога во нив ќе се препознаат таленти за творење. Мислам, а и практиката досега ми има покажано дека за да се биде добар наставник најважно е да се воспостави контакт со учениците, а тоа може да се постигне само со заемно почитување меѓу наставникот и ученикот. Наставникот мора да го гледа секој ученик како индивидуа, да ги согледа неговите можности во реализирањето на содржините и да успее да го извлече максимумот од секој поединец – ни рече Стојменова.

Според оваа успешна и амбициозна млада жена, наставникот никогаш не смее да се постави само како предавач на содржините, тој мора да биде и психолог и педагог, па дури и социолог, да допре до секој ученик поединечно и да го следи неговиот развој.
– Иако во нашиот систем на образование доминира образовната компонента, секогаш како наставници треба да обратиме повеќе внимание на воспитната компонента бидејќи ние покрај тоа што образоваме и создаваме, градиме личности, а основното образование е темелот за градењето на личноста на поединецот – додава таа.

Љупка Стојменова истакна дека треба да се биде просветен работник исклучиво ако се сака оваа професија.

– Образованието за секого е задолжително и обврзувачко со закон, но работата како наставник треба да ја работиме само ако ја сакаме, зашто од работата и насочувањето на наставникот може да зависи и иднината на ученикот. Сè што бара еден наставник од своите ученици е да ги почитуваат неговата работа и трудот, а најголемата награда за наставникот е кога ќе слушне за нивните успеси, знаејќи дека и тој има удел во тоа – порачува Стојменова. Ф.Д.