Децата читаат со срцето!

113

БАЛКАНСКИ ПИСАТЕЛИ ЗА ДЕЦА ВО „КОЛИБРИ“: НИКОЛА ШИМИЌ-ТОНИН

Децата читаат со срцето, а не со очите. Тие слушаат со срцето, а не со ушите. Книгата за деца се пишува со срце, а не со букви – така вели нашиот денешен соговорник, босанскиот писател Никола Шимиќ-Тонин. Овој плоден автор е роден во 1962 година, во Црквице, Зеница, БиХ, а живее во Драга, Пакоштан, во Хрватска. Тој е поет, раскажувач, драмски писател, автор за деца, учебникар, есеист, книжевен, драмски и ликовен критичар. Автор е на голем број дела од различни книжевни жанрови, но овде ќе ги споменеме неговите книги за деца, како што се: „Кралство во капка роса“, „Преселници и станари“, „Кралскиот златен кафез“ (прва класична хрватска двојазична сликовница на хрватски и на ромски јазик) и најновата „Сонуваме во боја.“
Oвој писател својата прва песна ја напишал кога бил второ одделение.
– Детето сака да го осознава светот што го опкружува и покажува голема љубопитност за секој книжевен збор, без разлика дали е проза или поезија. Од него не можеме да очекуваме да се определува кон вредностите, но не можеме да го прескокнуваме неговото мислење. Детето треба да се одгледува во духот на писменоста и љубовта кон читањето, усвојувањето нови зборови низ морфологијата и синтаксата, на тој начин збогатувајќи го својот личен светоглед – вели нашиот гостин писател Никола Шимиќ-Тонин.

Тој е добитник на голем број награди, а ќе споменеме само некои: „Грб на градот Книн“, наградата на Малиот сплитски фестивал за текстот „Зошто е тажен Петар Пан“, „Книжевно перо“ за роман на годината, награда за хаику во Италија, признание за книга на годината… Во Македонија е награден со наградата „Струшко слово“ во 2018 г., за особени заслуги во развојот на македонско-хрватските книжевни релации, а неговата книга „Англиска рамка за ахмиќка слика“ е објавена на македонски јазик. 


Ние сонуваме во боја

Ние
имаме крилја
и секогаш
подготвени сме за лет
планетата ни е мала
мал ни е овој свет.

Ако сакаш
дојди со нас
да бидеме
светлосни зраци
да дознаеме што се крие
горе над облаци.

Ние
сонуваме во бои,
будни
се нашите сништа
зад трепките
сѐ се може
Зад трепките
сѐ постои.
Таму
нема граници
пасоши не требаат,
таму сонот ќе нѐ зближи
само замижи,
само замижи.

Препеал: Филип Димкоски